Денвер се врати во игра против Минесота, шампионот Оклахома го збриша Феникс, но најдобриот тим во Источната конференција по регуларниот дел, Детроит се наоѓа пред елиминација во првата рунда од плеј-офот во НБА-лигата.
Никола Јокиќ се мачеше во претходните натпревари против Минесота, но утринава го предводеше Денвер до триумф од 125-113 на домашен паркет. Српскиот центар запиша трипл-дабл со 27 поени, 16 асистенции и 12 скока, па Нагетс намалија на 2-3 во меѓусебната серија. Тимбервулфс беа сериозно ослабени за овој натпревар, бидејќи не играше првата ѕвезда Ентони Дејвис, а на претходниот натпревар се повреди и Донте Дивинченцо за кого сезоната е завршена.
Шампионот Оклахома на доминантен начин го елиминираше Феникс со максимални 4-0 во победи откако славеше со 131-122 на гостински паркет. Шеи Гилџеус-Александер со 31 поен ги предводеше Тандер, а Чет Холмгрен имаше 24 поени со 12 скока. Кај Санс, четворица стартери имаа над 20 постигнати поени, но ниту тоа не беше доволно да се спречи елиминацијата.
Изненадувањето доаѓа од Истокот, каде Орландо Меџик е на чекор до сензација. Осмопласираниот тим поведе со 3-1 против најдобриот во регуларниот дел, Детроит Пистонс, по победата од 94-88. Дезмонд Бејн со 22 поени и Франц Вагнер со 19 ги водеа Меџик, додека кај Пистонс, Кејд Канингем имаше 25 поени, а Тобајас Херис 20.
