Растат посетите на скопската зоолошка, која денеска со забава за најмалите, одбележа 100 години од своето постоење. Најатрактивна е за викендите, но посетителите имаат забелeшки околу хигиената. Им порачаа на надлежните да вложат повеќе труд.
- „Не сум била многу одамна. Но од она што знам има некакво подобрување. Тоа ме радува затоа што овде децата може да дојдат и да го поминат убаво викендот со родителите“
- „Треба да се вработат луѓе кои ќе го одржуваат ова. Да може кога ќе дојдеме тука да се чувствуваме пријатно. Треба на секое ќоше да има корпа како што има во сите европски градови. Ние сепак сме главен град, да не заостануваме зад другите градови,“ велат граѓаните.
Надлежните пак ветуваат дека ќе се подобрат условите. Во фокус најпрво ќе биде реконструкцијата на старите живеалишта, а потоа и изградба на нови според европски стандарди. Во план е и носење нови животни од различни полови, со цел нивно размножување и подмладување.
- „Ние имаме доста стари и дотраени живеалишта. Некои од нив се пред 50 години, и претрпеле земјотреси, пожари и поплави. Ќе почнеме да го реновираме прво живеалиштето на мечката, потоа ќе го реновираме првиот реон во кој ќе има мешани животни“-Катерина Костова, в. д. директорка на Зоолошка градина.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, пак најави кампања за вклучување на јавните личности околу грижата на животните.
- „Ќе дадеме можност да се вклучат во делот на згрижување на одредено животно. Обезбедувајќи храна и подобри просторни услови,“ вели Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Град Скопје.
Во моментов, во зоолошката има околу 500 животни од стотина различни видови, а интересот кај посетителите постојано расте. Најголемо внимание привлекуваат слонот, нилскиот коњ и морските лавови.
Тамара Марковска
Б.С.
