Расте интересот на светски конзерватори за археолошкиот локалитет Стоби. Претставници на странски организации со министерот за култура Љутков извршија увид во реализираните активности, најавувајќи соработка и можност за нови донации и грантови. Министерството за култура оваа година вложува над 10 милиони денари. Еден од најзначајните проекти за оваа година е продолжувањето на работите на адаптација на Старата железничка станица во Центар за посетители.
Стоби не е само археoлошки локалитет и едно од најзначајните културни богатства на Македонија, туку и стратешка точка за развој на транзитен туризам. Министерството за култура и туризам годинава вложува над 10 милиони денари со што директно ги поддржува археолошките истражувања, конзерваторските работи и особено проектот за адаптација на Старата железничка станица во современ центар за посетители.
„Ќе продолжиме да работиме заедно посветено за подобра туристичка презентација и заштита на целиот локалитет. Стоби да биде гордост за сегашните и за идните генерации“, изјави Зоран Љутков, министер за култура и туризам.
Се зголемува и бројот на странски организации кои донираат финансиски средства за конзервација на Теодосијанската палата во Стоби, меѓу нив се Џ.М. Каплан фонд со седиште во Њујорк и американскиот Институт за римска култура со седиште во Рим кои донираа 500.000 американски долари.
„Изборот на Стоби е примарно поради атрактивноста на локалитетот, но исто така и поради добрата соработка со вработените и стручните лица во институцијата, како и во соработката со фондацијата „Балканско наследство“ и верувајте ми кога ќе ви кажам дека во целиот Медитеран, во некоја културна сфера во којашто Стоби припаѓа, ова е многу ретко“, рече Вил Рејнолдс, претставник на Џ.М. Каплан фонд.
„Во најголем дел нашата фондација е финансирана од Илон Маск. Тој е голем љубител на археологијата и се надеваме дека оваа љубов ќе можеме да ја искористиме и во други проекти“, вели Дариус А. Арја, директор на американскиот Институт за римска култура.
Во изминатиов период е зголемен и бројот на посетители.
„Исто така треба малку повеќе да се вложи во условите кои секој турист ги бара. Тие сакаат да дојдат да го посетат локалитетот, да ги видат градбите, меѓутоа исто сакаат да има место каде што ќе седнат, ќе се напијат кафе или ќе се освежат со сок. Особено замислете ги температурите тука во лето не се баш пријатни за шетање“, изјави илвана Блажевска, директорка на НУ Стоби.
На Градбата со арки во моментов се изведуваат археолошки доистражувања и конзерваторски зафати, додека во Резиденцијалниот и комерцијалниот кварт се спроведуваat археолошки истражувања со цел конзервација и презентација на објектите од последната фаза од постоењето на градот.
Нина Стефанова
