Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, во гостувањето на емисијата „Топ Тема“ на Телма ТВ, ја одбрани актуелната методологија за пресметка на платите во секторот култура, посочувајќи ја како поефикасна и поправедна во споредба со останатиот дел од јавниот сектор.
Како еден од потписниците на колективниот договор во културата, Неделков истакна дека овој документ содржи „одлична одредба“ која овозможува платите директно да го следат порастот на минималната плата преку соодветни коефициенти по работно место.
Според Неделков, додека во културата платата се пресметува како производ на минималната плата и коефициентот на сложеност, во 90% од јавниот сектор се применува методологија наследена од претходната власт која е на штета на работниците.
- „За жал, во јавниот сектор доминира фамозната методологија ‘минимална плата плус бодови’, која предвидува линеарно зголемување. Таква методологија не постои никаде во светот и таа е апсолутно штетна за работниците,“ изјави Неделков.
Претседателот на СОНК појасни дека токму поради оваа разлика во методологиите, при последното усогласување, вработените во културата добиле значително повисоко зголемување од нивните колеги во другите јавни дејности.
- „Кога минималната плата порасна, во културата платите се зголемија за околу 6,8%. Во останатиот дел од јавниот сектор, каде се применува линеарниот модел, зголемувањето е двојно помало,“ потенцираше тој.
Неделков потсети дека од 2020 година до денес, Синдикатот постојано бил во позиција да го брани колективниот договор за култура, особено во периоди на висока инфлација и брз раст на минималната плата. Тој заклучи дека проблемот не е во моделот што се користи во културата, туку во лошите методологии кои се применуваат во останатите сектори, кои не го вреднуваат соодветно трудот на вработените.
