Ниту еден сведок од планираните пет не се појавија на денешното рочиште за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Судот го прифати барањето на обвинителството за двајца сведоци да се изготви вешт наод за нивната психичка состојба врз основа на кој ќе се донесе одлука дали се способни да сведочат на некое од наредните рочишта. Со други двајца сведоци, обвинителството не можело да стапи во контакт и сега судот ќе им испрати покани. Петтиот сведок, бил на студирање во Бугарија на непозната адреса. Обвинителството дополнително информираше и дека планираниот сведок Денис Даутовски, живее во Германија и побара од судот да биде прочитан неговиот исказ што беше прифатено.
Станува збор за сведок кој работел логистика за групата ДНК до октомври во 2024 година, а потоа се иселил. Понекогаш ги поставувал и активирал прскалките на нивните сценски настапи, иако за тоа најчесто бил задолжен Мартин Атанасовски Буцо. Еден од клучните моменти во неговиот исказ беше дека прскалките биле набавени по иницијатива на Владимир Блажевски Панчо и секогаш биле користени по негов налог. Најчесто на песната песна „Што сака нека биде“ се активирале прскалките и, пред се, ги користеле на отворени настапи, но понекогаш и во затворени клубови.
„Колку што знам, користењето на прскалките беше најавувано кај сопствениците на локалите, а за надлежните институции не знам. По мое видување, прскалките на критичниот настап во Кочани, според видеата, ми изгледаа поразлично од користените претходно. Тоа е моја перцепција“, рече сведокот Денис Даутовски пред обвинителството.
Сведокот откако ја прекинал соработката со ДНК немал контакт со нив и не знаел од каде биле набавени прскалките користени во „Пулс“. Кутијата на која се поставувале прскалките, исто така, ја набавил Панчо и секогаш ја носел во неговото возило.
Марија Митевска
