Помеѓу САД и Европа постои океан, но вторите би сакале да направат уште поголемо растојание меѓу нив. „Ау ревоар, Мајкрософт, Бонжур Линукс“.
Француската админситрација ќе го менува софтверскиот систем „Windows“ со „Linux“ поради безбедност и долгорочна независност. Одлуката на Франција како прва европска земја за ваква технолошка транзиција започна да го одразува поширокиот тренд во Европа, каде што владите сè повеќе се загрижени поради зависноста од странска технологија. Растечките геополитички тензии и загриженоста околу приватноста и безбедноста на податоците ги забрзаа напорите за локализирање на дигиталната инфраструктура.
Европската Унија исто така разгледува начини за намалување на зависноста од неевропски провајдери, што укажува дека слични потези би можеле да следат и во други држави. За креаторите на политики, прашањето оди подалеку од трошоците или перформансите. Станува збор за контрола, односно обезбедување на клучните системи кои нема да бидат подложни на надворешно влијание, промени во политики или ограничувања наметнати од странски влади или корпорации.
Што значи ова за корисниците и бизнис секторот?
За обичните француски корисници, ова не значи многу, бидејќи промената главно се однесува на владините системи. Доколку оваа предвидена транзиција биде успешна, може да го забрза усвојувањето на „Linux“ и софтверот со отворен код во јавниот и приватниот сектор. Исто така, може да поттикне развој на локални технолошки екосистеми и да отвори нови можности за европските софтверски компании.
Сепак, процесот нема да биде без предизвици. Миграцијата на големи системи од „Windows“ на „Linux“ бара значајно планирање, обука и прилагодување на компатибилноста, особено за старите (legacy) апликации.
Што е следно?
Франција не објави детален временски план за целосната транзиција, но се очекува процесот да се одвива постепено, почнувајќи од одредени агенции и проширувајќи се понатаму до сите институции во следните години. На министерствата им е наложено да изработат планови за намалување на зависноста од странска технологија, со поширока имплементација што се очекува во наредните години. Доколку транзицијата биде успешна, може да послужи како модел за други земји што бараат поголема контрола врз својата дигитална инфраструктура.
Францускиот министер Давид Амиел го нарече преминот кон „Linux“ дел од обидот на нацијата да „ја поврати контролата врз дигиталната судбина“. Тој објасни дека Франција „веќе не може да прифати дека податоците, инфраструктурата и стратешки одлуки зависат од решенија чии правила, цени, еволуција и ризици не ги контролираат“ и рече: „Дигиталниот суверенитет не е опционален“.
Ваквиот потег на Франција доаѓа од растечката промена во начинот на кој државите ја гледаат технологијата, не само како алатка за продуктивност, туку како стратешки ресурс поврзан со суверенитет, безбедноста и долгорочна независност.
Теа Димковска
