Вести Македонија Топ вести

Пратениците си ги подобриле говорите, но не нивното аргументирање

Квалитетот на собраниската дебата се подобрува и таа во втората половина од 2025 година ја добила истата средна оценка како и во првите шест месеци од лани – 5.7 од можни 10. Но, иако настапите на пратениците се подобрени и намалени се дисквалификациите на политичките противници по лична основа со навреди, пратениците потфрлиле во делот на аргументирање на своите обраќања.

„Тоа е видливо. Половина од сите аргументирани пратенички говори, оние што сме констатирале дека се аргументирани, ги изнеле само осум пратеници. Другите, горе-доле, не се на ниво на задачата или можат многу подобро“, презентираше дел од истражувањето, Марко Трошановски, претседател на Институт за демократија.

Истражувањето на Институт за демократија за квалитетот на Собранието, во Соработка со Националниот демократски институт од САД и Центарот за управување со промени, поддржано од швајцарската влада, покажува дека најаргументирани дебати имал пратеникот Сали Мурати од Движењето на Турците, со 10 проценти удел во вкупиот број говори поддржани со барем еден аргумент, а со еден процент помалку од него е Јована Тренчевска од СДСМ со девет проценти. Мурати и најчесто се јавувал за збор во мониторираниот шестмесечен период, дури 76 пати, пред Фатмир Битиќи и Јована Тренчевска кои од собраниската говорница се обратиле 74, односно 68 пати.

Пратениците потфрлиле и во нивната надзорна улога врз работата на институциите, а не се осврнувале ниту на проблемите на маргинализираните групи во дури 80 проценти од своите обраќања.

Дебатите во собранието биле мониторирани на темите владеење на правото, човековите права и демократија.

Од Центарот за управување со промени, пак, за алатката на Собранието „Канцеларии за контакт со граѓаните“ кои ги има во повеќе градови во земјава, велат дека сега се достапни и во виртуелна форма што треба да го олесни пристапот на граѓаните до пратениците. Во една година граѓаните директно оствариле 702 средби со пратеници.

„Имаат средби остварено, имаат 917 случаи. Може да се види по пратеничка група, по пратеник. Мандатот е само за овој пратенички состав. Може да се видат темите. Најчесто теми кога станува збор е за работа и работен однос“, информираше Неда Малеска Сачмароска, извршна директорка на Центарот за управување со промени.

Од Националниот демократски институ, пак, најавија дека на 27 април од Штип ќе стартува овогодинешниот „Мобилен караван“, за директен контакт на граѓаните со пратениците и промоворање на алатките кои ја приближуваат работата на Собранието и пратениците до граѓаните, односно нивните гласачи.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Проектот на Кушнер ја разгорува кризата во Албанија

Дејан Дејан

Трагедија во Франција: Загина еден од основачите на „Ubisoft“

Дејан Дејан

Во израелски напад загина снимател на Ал Џезира

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе