Американскиот претседател, Доналд Трамп, денеска повторно објави слика создадена со вештачка интелигенција на која тој и Исус се прикажани во блиска прегратка пред американското знаме, опишувајќи ја како „навистина убава“, само неколку дена откако друга слика, на која тој беше прикажан како Исус, беше остро критикувана како „богохулие“ од страна на конзервативните христијани, една од традиционално најверните гласачки групи на Републиканската партија.
Новата фотографија првично била објавена од профил на платформата X (поранешен Твитер) наречена „Irish for Trump“ (Ирци за Трамп), со опис: „Никогаш не сум бил многу религиозен човек, но дали не ви се чини дека, со сите овие сатански, демонски, жртвувачи на деца што се разоткриваат, дека Господ можеби го игра својот адут – Трамп “
Трамп потоа објавил слика од оваа објава на својот профил на платформата Truth Social со коментар:
„На радикалните левичарски лудаци можеби нема да им се допадне ова, но јас мислам дека е навистина убаво“.
Претходно оваа недела Трамп беше остро критикуван затоа што, на православен Велигден, објави уште една слика генерирана со ВИ на која тој е прикажан како Исус што се спушта од небото, додека со едната рака допира болен човек кој лежи во нешто што наликува на болнички кревет.
Објавата предизвика брза реакција, главно од конзервативни христијански кругови од неговата база, вклучувајќи ја и истакнатата конзервативна христијанска новинарка, Меган Башам, која ја нарече „скандалозно богохулие“, како и политичкиот коментатор Кем Хигби, кој изјави дека поминува „8 часа дневно“ бранејќи го Трамп, но „нема да брани богохулие“.
Трамп подоцна ја избриша фотографијата и кога новинарите го прашаа за неа, изјави дека тој мислел дека е прикажан како доктор.
Првата фотографија беше објавена во неделата, набргу по друга објава во која Трамп го нападна папата Папа Лав XIV, првиот американски папа, нарекувајќи го премногу либерален и „слаб кон криминалот“, што предизвика дополнителни критики.
Трамп и неговата администрација имаат историја на објавување на фотографии создадени со ВИ, вклучувајќи и една минатата година на која тој беше прикажан како папа, две недели по смртта на Папата Франциск, но пред да биде избран Папата Лав XIV за нов поглавар на Црквата.

