Лица со попреченост од цела Македонија пред Велигденските празници добиле решенија од центрите за социјална работа за намален број на часови за лични асистенти. Од максимум 80 часа месечно, особено во Источна Македонија, без промена на здравствената состојба на корисниците, часовите се намалени на 20 до 30, велат од Коалицијата „Менуваме“. Според координаторот на Коалицијата, тоа е направено од Министерството за социјална политика, демографија и млади, без официјална одлука, со што е прекршена Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп. Тој побара поништување на решенијата.
„Според членот 19 од Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп, со која што ни е загарантирано нашето право на движење, на дружење, на социјална кохезија итн., моментално на нас тоа право не ни е овозможено, туку ни е скратено“, изјави Суарет Алишан, координатор на Коалиција „Менуваме“.
Центрите за социјална работа манипулираат со правото на лицата со попреченост да поднесат приговор за скратената асистенција, вели Алишан.
„Датумот кога го подига решението не се внесува од страна на Центарот за социјални работи и нема евиденција кога тој би го поднел приговорот, да одлучи Министерството дали е навреме, не е навреме, итн.“, додава Алишан.
Има случаи кога изготвени решенија се држеле во фиока за да помине рокот за приговор, а постојат и такви случаи на недобиени решенија. Во овие околности, личните асистенти се откажуваат од работата, зашто им се намалуваат надоместоците. Од нив се бара да доставуваат неделен план за работа со лицата со попреченост, што според Алишан е нелогично, зашто кај оваа категорија граѓани, состојбата може да се смени од денеска до утре.
Од Министерството за социјална политика повторно со истиот одговор дека Решението за користење на услугата лична асистенција го носи Центарот за социјална работа, врз основа на претходно преземи процесни дејствија од стручни лица, согласно закон и подзаконски акт. А, нема одговор на нашето второ прашање, за неможноста на лицата со попреченост да достават приговор на решенијата за асистенција.
Дали во овој случај постои дискриминација, треба да утврди Комисијата за антидискриминација. Од таму испратиле допис до ресорот, но велат и покрај истекот на рокот од 15 дена, не добиле одговор од министерството, па денеска ќе им достават ургенција, за да одговорат.
За проблемот со личните асистенти, Коалицијата остварила средба со претседателката на собраниската Комисија за еднакви можности. Таа треба да иницира средба со премиерот. На неа ќе се бара личната асистенција да стане загарантирано право и да се олесни постапката, дополни Алишан.
Сотир Трајков
