Продолжувањето на американската поморска блокада на Ормускиот теснец ќе претставува прекршување на примирјето, предупреди Техеран, заканувајќи се дека Исламската република ќе го спречи целиот поморски транспорт низ Персискиот и Оманскиот залив, како и Црвеното море. Американската блокада беше наметната вчера, а Централната команда денеска соопшти дека во првите 24 часа не поминал ниту еден брод низ теснецот.
Нејзиното воведување се смета за уште еден обид на Вашингтон да изврши дополнителен притисок врз Техеран и иранската економија, спречувајќи го неговиот извоз на нафта. Исто така, дел од аналитичарите се сомневаат дека освен тоа, секундарна цел е и присилувањето на Кина, сојузникот на Иран кој според дел од извештаите купува дури 90 проценти од иранската нафта, поактивно да се вклучи во мировниот процес.
Американскиот претседател во интервју за Фокс уште еднаш тврдеше дека Иран очајно сака да постигне договор.
Мислам дека е речиси готова, да. Сметам дека крајот е многу близу. Знаете што? Ако во моментов се повлечеме, ќе им бидат потребни 20 години да ја обноват земјата. Ние не завршивме, ќе видиме што ќе се случи. Мислам дека очајно сакаат да постигнат договор, изјави трамп.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, чија земја е една од посредничките во преговорите, изјави дека иако разговорите се соочиле со одредени пречки, особено околу прашањето за иранската нуклеарна програма, тие мораат да продолжат. Ердоган исто така порача дека на Израел не смее да му се дозволи повторно да го саботира мировниот процес.
Како што кажав претходно, преговори не се водат со стиснати тупаници. Оружјата не смеат да ги заменат зборовите. Можноста која се отвори со примирјето мора максимално да биде искористена. На израелската влада, која е познато дека е незадоволна поради примирјето, не смее да ѝ се дозволи да го саботира процесот, предупреди ердоган.
Ден по првите преговори меѓу Израел и Либан после 30 години, Хезболах и Израелската армија продолжија со нападите. Милитантната организација поддржана од Иран лансираше ракетен бараж, напаѓајќи десетина градови во северен Израел, додека пак израелското воздухопловство извршило два напади во јужен Либан.
Во преговорите кои се одржуваат во Вашингтон, Хезболах не учествува, и организацијата веднаш порача дека нема да прекине со нападите додека американско израелската агресија во регионот не биде запрена.
Игор Трајков
