Падот на Орбан и победата на унгарските опозиционери, во македонската јавност го отвори прашањето за статусот на обвинетиот екс-премиер Груевски и можноста за негова екстрадиција во земјава. Но, министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, тврди дека тоа не било тема на разговор со главната советничка за надворешни работи на новата владејачка партија Тиса.
Муцунски вчера остварил телефонски разговор со Анита Орбан којашто е најавена и како следен министер за надворешни работи на Унгарија, но дискусијата била насочена главно кон заедничките билатерални приоритети.
„Тоа што особено ме радуваше е што таа потврди дека во надворешната политика на Унгарија ќе остане цврсто втемелен приоритетот за Западен Балкан, што за нас е многу важно. Зборувавме за добрите односи коишто државата ги има не само на политичко поле туку и во делот на економијата и трговијата, но и се согласивме дека можеме и уште повеќе да направиме заеднички“, изјави Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија.
Муцунски денеска беше домаќин на белгискиот заменик-претседател на Владата и министер за надворешни работи, Максим Прево. Ги потврдија одличните односи помеѓу двете земји и се осврнаа на процесот на проширување на Европската унија.
Министерот Прево уверува дека Македонија може да смета на Белгија како сојузник на европскиот пат, а Унијата може да даде уверувања на земјава.
„Јас се разбира можам да говорам во име на Белгија, не во име на сите 27 земји членки. За нас, постои јасна волја дека овие уверувања треба да бидат дадени на Северна Македонија откако таа ќе ја направи таа ревизија и дека патот ќе биде деблокиран и отворен, се разбира во оние класичните етапи на исполнување на различните поглавја коишто ќе треба да бидат усвоени, но дека нема да се јави повторна пречка или блокада во патот. Мислам дека сите земји членки заедно може да дадат адекватен одговор и во кулисите на ЕУ да се искаже волјата дека овие уверувања ќе и бидат понудени на Северна Македонија“, изјави Максим Прево, заменик-претседател на Владата и министер за надворешни работи, европски прашања и развојна соработка на Кралството Белгија.
Билатералните прашања и разликите во ставовите помеѓу Македонија и Бугарија кои доведоа до блокади на европскиот пат, ќе се решаваат низ дијалог и со новата Влада кај соседот, уверува министерот Муцунски. Тој очекува фер и демократски изборен процес и потоа формирање на стабилна Влада. Во Бугарија во недела се одржуваат предвремените парламентарни избори.
Петар Догов
