Економските последици од војната на Блискиот Исток веќе ги менуваат проекциите за македонската економија. Според најновите анализи, се очекува забавување на економскиот раст и задржување на инфлацијата на ниво кое и понатаму ќе го оптоварува стандардот на граѓаните.
Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ во вечерашната Топ Тема открива дека неговиот институт во моментов ги финишира ревидираните макроекономски прогнози за државата. Дури и во најоптимистичкото сценарио, очекувањата се дека македонската економија ќе расте со послабо темпо од првично предвиденото.
- „Во тоа оптимистичко сценарио, прогнозата е дека Македонија ќе расте околу 2 до 2,5 отсто. Ако претходно сме очекувале 3 до 3,5 отсто, сега очекувањата ги намалуваме за 1 до 1,5 проценти. Инфлацијата, според ова основно сценарио, ќе се движи околу 5 до 6 отсто“, посочува Јовановиќ.
Иако на прв поглед, како што вели тој, овие бројки можеби не делуваат страшно, сепак предупредува дека ризиците се многу поголеми.
Јовановиќ апелира да не се гледаат само начелните статистички бројки за растот, туку да се „загребе под површината“ и да се види суштината на проблемот, а тоа е огромната социјална нееднаквост.
Оспорувајќи ја познатата фраза дека во време на криза „сите сме во ист брод“, аналитичарот преку сликовита метафора објасни како новите економски шокови ќе се одразат врз македонското општество.
- „Не сме сите во исти бродови. Едни се во големи јахти и оваа криза што доаѓа нема ниту да ги погоди. Другите се во чамци, а некои пливаат сами. Така што, ова цунами што сега го гледаме, многу повеќе ќе ги погоди нив. Тоа е главниот проблем – што не сме сите исти“, заклучува Јовановиќ.
Овие предупредувања доаѓаат во период на зголемена глобална несигурност предизвикана од конфликтот на Блискиот Исток, кој се заканува да предизвика нови нарушувања на пазарите на енергенси и храна, што дополнително би ги рангирало социјално загрозените категории на граѓани во земјава.
Б.С.
