До вчера се залагаа за иранска деблокада на Ормускиот теснец, денеска и самите го затворија. Заканите на Соединетите Американски Држави за прекин на сиот влезен и излезен сообраќај од иранските пристаништа стапи на сила попладнево во 16 часот. Потегот на Вашингтон доаѓа по неуспешните разговори викендот во Исламабад, како дополнителен механизам кон Техеран за прифаќање на американските услови за мир на Блискиот Исток. Најновата блокада на Теснецот повторно ја зголеми цената на нафтата на над 100 долари за барел, берзите паднаа, а Иранската револуционерна гарда се закани со одмазда.
Европската Унија веќе бележи цех во милијарди од почетокот на војната на САД и Израел против Иран. Претседателката на Европската комисија со апел до владите на земјите членки на блокот за координација на начинот на користење на резервите на нафта и гас, предложи и ублажување на ограничувањата на правилата за државна помош додека трае кризата.
„Нашата сметка за увоз на фосилни горива се зголеми за над 22 милијарди евра. Четиририесет и четири дена, 22 милијарди евра. И ова го покажува огромното влијание што оваа криза го има врз нашата економија. Дури и ако непријателствата престанат веднаш, прекинот на снабдувањето со енергија од Заливот ќе продолжи уште некое време. Тековното затворање на Ормускиот теснец е многу штетно, а враќањето на слободата на пловидба е од најголема важност за нас“, рече Урсула фон дер Лајен, претседателка на ЕК.
Британскиот премиер повторно нагласи дека неговата земја останува надвор од војната на Блискиот Исток. Тој го осуди нападите од Иран и од проирански Хезболах, но додаде дека е против израелските напади врз Либан.
„Од почетокот на овој конфликт се водев од нашиот национален интерес. Затоа останавме надвор од војната и затоа продолжуваме да бидеме надвор од војната. И затоа сега работиме на враќање на слободата на пловење на Блискиот Исток, бидејќи тоа е директно во нашите национални интереси“, повтори Кир Стармер, премиер на Велика Британија.
Ограничувањата на американската воена поморска блокада на Блискиот Исток ќе се однесуваат долж Персискиот залив, Оманскиот залив и Арапското Море, источно од Ормускиот теснец. Според британскиот Центар за координација на поморската трговија, ќе се однесуваат на бродови кои пловат по било чие знаме, а кои имаат врска со „иранските пристаништа, нафтени терминали или крајбрежни постројки“. Оние, пак, кои се затекнати внатре, ќе добијат ограничен рок за напуштање на подрачјето.
Сашко Димовски
