Нескриена радост и ликување од опозициската СДСМ и воздржаност во реакциите од владејачката ВМРО-ДПМНЕ откако на изборите во Унгарија победи опозицијата предводена од Петер Маѓар, а Виктор Орбан по 16 години власт заминува во опозиција. Орбан одржуваше многу блиски односи со владата на ВМРО-ДПМНЕ.
Според македонската опозиција, со падот на Орбан наскоро може да дојде до целосно откривање на сите тајни бизнис комбинации меѓу Орбан и Мицкоски – во медиумите, телекомуникациите, енергетиката, унгарскиот кредит од една милијарда евра…
„Криминалната организација ВМРО останува без својот единствен сојузник во Европската Унија. Нема повеќе криење на Никола Груевски во Будимпешта, тајни бизнис-комбинации, ниту кинески пари кои доаѓаа преку тој режим“, соопшти СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ, пак одговори дека СДСМ помалку треба да се занимава со избори во други држави, а повеќе со внатрешните работи зашто може да исчезнат како партија.
„Прво, нема никакви тајни бизнис врски со Виктор Орбан и неговата партија. Второ, има официјални државни договори и соработка. Тоа значи договори меѓу Македонија и Унгарија има соработка како две држави од ист континент Европа кои соработуваат на повеќе полиња“, одговори ВМРО-ДПМНЕ.
Засега е нејасно какви промени во унгарската политика кон Македонија може да донесе промената на власта во Будимпешта, со оглед на тоа што Маѓар доаѓа на власт со јасна проевропска и антикорупциска агенда, но без јасно декларирана политика кон регионот, ниту пак се изјаснил за Груевски.
Тој во февруари најави дека неговата влада на првиот ден ќе ги екстрадира Збигњев Зиобро и Марцин Романовски, поранешен министер и заменик министер за правда во Полска, кои добија политички азил во Унгарија. Тој рече дека Унгарија сака да биде партнер во правдата, а не прибежиште за луѓето што бегаат од неа. Сепак, не го спомена Груевски.
Маѓар е поранешен политички сојузник на Орбан со кого се разидоа во 2024 година. Груевски избега од Македонија и доби политички азил во Унгарија во 2018 година, кога Маѓар сè уште е дел од владејачките структури на Орбан.
Дополнително, неговата партија Тиса е дел од семејството на Европската народна партија, во која членува и ВМРО-ДПМНЕ.
Кога Груевски избега, токму СДСМ беше на власт, а сомнежите беа дека имал помош и од власта. Од ВЛЕН во повеќе наврати обвинуваа дека пред изборите во 2024 година, токму СДСМ и ДУИ кроеле сценарио за враќање на Груевски во Македонија за да ја ослабне позицијата на Христијан Мицкоски.
Груевски е правосилно осуден на 9 години затвор во случајот Плацови на Водно, 2 години затвор во случајот Тенк и 1,5 години за Насилствата во Општина Центар.
Срѓан Стојанчов
