Да се внимава со изборот на храна по велигденските пости и за време на празникот, советуваат лекарите. Се подготвуваат големи количества на храна кои граѓаните многу често ги конзумираат во текот на повеќе денови, без чување на соодветна температура. Во овој период од годината најчесто се зголемува и бројот на пациенти со цревни инфекции.
– Ова ја зголемува опасноста од контаминација, односно расипување на храната и конзумација на расипана храна. Заради тоа потребно е истата да се подготви на соодветен начин, да се чува во соодветни услови, во соодветни садови. Најдобро е да се конзумира веднаш по подготвувањето, вели д-р Горан Рангелов, Универзитетска клиника за инфективни болести.
При труење со храна најчести симптоми се повраќање, дијареа и зголемена температура која трае повеќе денови. Најважно е да не дојде до дехидрирање и да се конзумираат доволно течности.
За оние кои постат треба да бидат уште повнимателни и постепено да се враќаат кон старата исхрана, за да не дојде до акутни и хронични последици, најчесто воспаление на желудникот, воспаление на панкреасот. Во изминатите години на Инфективната клиника многу често имало и случаи на труења со јајца и повторно причината била несоодветно чување на истите.
– Па можно е да се конзумираат јајца, иако се термички обработени пациентите долг временски период ги конзумираат, многу по поминување на велигденските празници. Сме имале и случај еден месец по завршување на велигденските празници да конзумираат вакви јајца, вели Рангелов.
Во пресрет на велигденските празници и традиционално зголемената побарувачка на јајца, бои за јајца, месо и други прехранбени производи засилени се вонредните контроли на Агенцијата за храна и ветеринарство. Со засилен надзор се опфатени маркети, угостителски објекти, специјализирани продавници за јајца, производители и трговци со бои за јајца и нивните увозници, месарници и зелените пазари.
новинар: Нина Стефанова
снимател: Наум Пуленџовски
