Вести Македонија Топ вести

„Зелен хуман град“ предупредува: Ископот на антимон може да отвори ново жариште на загадување

Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ остро реагира на најавите за можно обновување на рударските активности за антимон во локалитетот Крстов Дол, оценувајќи дека ваквите политики претставуваат сериозен ризик за животната средина и здравјето на граѓаните.

Според нив, отворањето на нови рударски капацитети доаѓа во услови кога, како што велат, државата веќе се соочува со високо ниво на загадување и нерешени еколошки проблеми од минатото. Посочуваат дека рудникот Крстов Дол, иако не е активен повеќе од пет децении, и понатаму претставува извор на загадување, особено поради јаловината од поранешната експлоатација.

Од „Зелен хуман град“ нагласуваат дека во околината се регистрирани зголемени концентрации на тешки метали како арсен, антимон и талиум, кои, според нив, имаат сериозни последици врз здравјето на луѓето. Тие предупредуваат дека краткорочната изложеност може да предизвика акутни симптоми како гадење, повраќање и срцеви нарушувања, додека долгорочната изложеност се поврзува со потешки заболувања, вклучително и различни видови рак и оштетувања на нервниот систем.

Иницијативата дополнително укажува дека евентуалното обновување на ископот би довело до дополнително акумулирање на токсични материи во почвата, со ризик тие да навлезат во синџирот на исхрана преку земјоделските култури. Посебен проблем, според нив, претставува и создавањето на прашина при ископ и преработка, која може да влијае врз квалитетот на воздухот и здравјето на населението.

Како дополнителен ризик, „Зелен хуман град“ ги посочува и постојните брани со хидројаловина во овој регион. Според нивни наводи, повикувајќи се на извештаи, дел од овие објекти се во критична состојба, со можност за прелевање или истекување при обилни врнежи, што би можело да предизвика еколошка катастрофа.

Тие апелираат институциите да се фокусираат на санација на постојните еколошки жаришта наместо на отворање нови, а дополнително бараат и поголема транспарентност и вклучување на јавноста во процесите на одлучување за вакви проекти.

T.Д.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нетанјаху: Нема да дозволам Иран да се вооружи со нуклеарно оружје

Дејан Дејан

СДСМ поднесе 82 амандмани на законите за судска и јавнообвинителска служба по критиките на вработените за предложените решенијата

Дејан Дејан

Уште еден осомничен за злоупотреби во Фудбалската федерација на Македонија, доби притвор

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе