Со неисправни кочници 63-годишен возач од Скопје превезувал 85 деца, иако според сообраќајната дозвола биле дозволени 48. Утрово додека автобусот се движел на булеварот „Борис Трајковски“ во Скопје бил сопрен од полициски службеници кои извршиле контрола.
„Извршена е контрола на автобус со скопски регистарски ознаки, сопственост на правен субјект од Скопје, со кој се врши јавен превоз на патници (организиран превоз на деца), при што е констатирано дека во истиот се превезуваат 85 патника, додека дозволено по сообраќајна дозвола е максимум 48 патника, односно возачот Ј.Д. (63) од Скопје, превезувал со автобусот 37 патника (деца) повеќе од дозволеното“, стои во соопштението на МВР.
При контролата било утврдено дека во автобусот се превезувале вкупно 85 патници, иако според сообраќајната дозвола дозволени се максимум 48. Возачот од Скопје превезувал 37 патници повеќе од дозволеното, со што директно ја загрозил безбедноста на патниците.
Дополнително, над возилото бил извршен и вонреден технички преглед во овластена станица, при што биле констатирани сериозни технички неисправности. Според наодите, автобусот имал проблеми со уредите за сопирање, односно намалена сила на кочење на работната и помошната кочница, како и оштетено ветробранско стакло што ја нарушувало видливоста.
Од МВР соопштуваат дека против правниот субјект, одговорното лице и возачот се преземени соодветни мерки и ќе се соочат со законски предвидените санкции. Возилото е исклучено од сообраќај сè до целосно отстранување на утврдените недостатоци.
Т.Д.
