Вести Македонија Топ вести

(видео)Илијоски и Стафилов: Со т.н. „саркофаг“ решение целиот отпад од депонијата „Југохром“ ќе биде долгорочно обезбеден- не треба да се чека

Во 2024 година, Градежен институт Македонија изработи студија за изнаоѓање на трајно решение за депонијата „Југохром“, која е доставена во декември 2024 на Министерството за животна средина, бидејќи Министерството за животна средина е нарачател на студијата.

„Во министерството, пред десетина дена бевме повикани да ја презентираме студијата. Јас направив презентација на студијата и за мое позитивно изненадување, беше присутен министер, заменик-министер, сите високи структури од Министерството, од Град Скопје, од Водовод Скопје и тоа мене ме охрабрува дека почнуваме да се движиме во насока да најдеме решение“, рече во Топ Тема професорот Златко Илијоски.

Тој ги објасни сите варијанти кои се разработени во рамки на студијата.

„Едно решение е изнесување на тој отпад надвор од државава, по концептот на ОХИС. Еден килограм опасен отпад да се изнесе надвор од државата чини 2 до 3 евра. 2 милиони и 200 илјади тони отпад по таа цена би чинело 6 до 7 милијарди евра. Така да таа опција е невозможна, отпаѓа од старт. Втора опција разгледувана е по концептот на современите пристапи на циркуларна економија, реупотреба на отпад, нула отпад и тн. И за ваков концепт се правени активности во минатото, меѓутоа заклучокот од сите членови на тимот кои сме истражувачи, кои сме изработувачи на оваа студија, е дека навидум тоа решение звучи многу добро. Ќе го преработиме отпадот, ќе екстрахираме корисна минерална суровина и ќе го неутрализираме опасниот отпад (350.000 тони отпад). Меѓутоа, тоа би значело изградба на фабрика или индустриска постројка за третман на опасен отпад во исклучително чувствителна и сензитивна локација. Анализите кажуваат дека и со високи технологии, високопродуктивни технологии, тоа би траело десетици години, можеби 30-40 години. И ризикот и последиците по контаминација на подземните води за ваква варијанта се многу поголеми од евентуалните придобивки ние кои би ги имале со овој концепт. Само околу 1,8% е употреблива корисна минерална суровина, пак ќе ни остане 98% отпад, пак некаде треба да го носиме“, објасни Илијоски.

  • Трета варијанта беше локална дислокација на депонијата. Да ја тргнеме од тоа место каде што е, да ја пренесеме на кратко растојание. Меѓутоа и тоа решение не е многу добро решение бидејќи депонијата од едно место само ќе ја преместиме на друго место. Ќе отвориме друг проблем во друга средина. Голем би бил социјалниот аспект, еколошкиот и тн. Никој не сака во својот двор да има депонија, а и не е евтино. Проценка е дека таа варијанта не е добра бидејќи ќе направи проблеми на друго место.
  • Четврта опција која вреди да се размисли е изградба на депонија за опасен отпад на ниво на држава. Значи државата да изгради депонија за опасен отпад каде што ќе го однесе целокупниот отпад од Југохром, но и од други места. Такви локации постојат на просторот помеѓу Штип, Велес, Неготино, во пошироката околина на реонот Криволак. Ние и најдовме пространа локација која во најголема мера ги исполнува стандардите за депонија за опасен отпад бидејќи терените се водонепропустни, безводни, со ниски врнежи, ретка населеност и тн. Меѓутоа во контекст на дислокација на оваа депонија, се отвора проблемот за транспорт на материјалот. 100.000 камиони ако треба да поминат низ 10 населени места, или евентуално со железница до некаде па после со камиони… многу е реално да се случат социјални протести, немири и таа варијанта да не успее.
  • Варијантата број 5, која би чинела 54 милиони евра и на која ние најмногу преферираме, тоа е варијанта за долгорочно решение на проблемот со високо контролирани ризици. Тоа е варијанта каде што депонијата од моменталната локација ќе се помести 300 метри во потполно однапред подготвен простор со сите можни хидроизолации што се на располагање во светската практика за ваков тип на депонии. Целокупното дно ќе биде изолирано и депонијата ќе се покрие од површина. Значи ќе направиме таканаречено „саркофаг“ решение. Целиот отпад ќе биде долгорочно безбеден. Тоа е варијанта на долгорочно решение со високо контролирани ризици. Нема да биде уништен, ама ќе биде ограничен, лимитиран. Не може да дојде во контакт со вода, нема да има исцедок. Апсолутно ќе биде безбеден. Постојат технологии кои дополнително треба да бидат разработени – во процесот на самото преместување да се направи стабилизација со додаток на цемент и вар. Кога ќе му додадеме цемент и вар правиме стабилизација на тоа бихроматно блато и да дојде до некаква хаварија, тој шестовалентен хром при таква слоевита поставеност со изолациони слоеви ќе биде многу помалку мобилен. Тоа би траело околу пет години. Од почеток на активностите, има фаза претходна изработка на проектна документација. Мора секој што ќе се зафати со оваа работа да ги следи сите закони и регулативи во Република Македонија каде што треба да биде изработена целокупната техничка документација: од урбанизам, проектна документација, студија за влијание на животна средина, до градежна дозвола.
  • Преостанатите две варијанти се од категоријата на ублажување на состојбите. Не се тоа долгорочни решенија. Едната варијанта е покривање на депонијата целисно од површина, меѓутоа дното на депонијата ќе биде постојано во контакт со подземна вода. Другата варијанта е малку повисоко технички издржана – да се направат бариери во околината да се спречи продорот на подземна вода, но и таа не е 100% сигурна дека ќе се обезбеди дното од депонијата да нема контакт со подземната вода. Може да се ограничи со поставување на активна хидраулична бариера со изведба на бунари помеѓу депонијата и реката Вардар. Тие бунари постојано да црпат вода во целиот иден период, да ја носат во пречистителна станица. Ама ние какви што сме, кој ќе гарантира дека тие бунари ќе се одржуваат и дека ќе бидат долгорочно функционални? Ќе остане некаков ризик. Затоа наша препорака е варијантата 5 со саркофаг, пломбирано решение, ја образложи Илијоски студија за изнаоѓање на трајно решение за депонијата „Југохром“.

Професорот Стафилов истакна дека варијантата број 5 е најбезбедна, најсигурна и гарантира безбедност долгорочно.

  • Имајќи ги предвид трошоците за другите варијанти, таа не е најскапата варијанта, а е најбезбедна и изводлива. Има технички решенија за тоа и ми се чини дека тука не треба многу да се чека, рече Стафилов.

Б.С.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Протест во Студеничани – стоп за камионите кои натоварени со руда го оштетија локалниот пат

Дејан Дејан

Сопругата ја удирал со тупаници и со нож се заканувал на мајка му – обвинителството бара насилникот да оди во притвор

Дејан Дејан

Високи се цените во маркeтите – велат граѓаните и очекуваат по горивата да поевтини и храната

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе