Ромео Костадинов од Сојузот на стопански комори вели дека е клучно да се зачува пазарниот механизам и да се обезбеди непречено снабдување со нафтени деривати, со цел да не дојде до паника и нарушување на пазарот.
„Најпрвин, стопанството треба да продолжи да функционира според пазарниот механизам, да се овозможи непречено снабдување со деривати на нафта и да не дојде до нереди по бензинските пумпи. Сите наши соседи ги ограничија количините, но со тоа создадоа притисок и масовна хистерија дека има недостаток на гориво, па пазарниот механизам не успеа да профункционира. Кај нас, пак, системот се зачува – цените се покачија, но нема паника за количините, што е позитивно“, истакнува Костадинов.
Тој додава дека ова е неповолен момент за државниот буџет, поради обврските поврзани со солидарниот данок.
„Ова е најлош момент за македонскиот буџет, бидејќи сега следува исплатата на првата транша од солидарниот данок, а средствата треба да се вратат до март 2026 година, како и втората рата во март 2027 година. Тоа значително ги ограничува можностите за интервенции“, вели Костадинов.
Според него, порастот на цените е очекуван, имајќи ја предвид увозната зависност на земјата.
„Нормално е да имаме зголемување на цените, бидејќи сме увозно зависна земја и оваа инфлација е увозна. Енергетски сме зависни, но позитивно е што стопанството повеќе се потпира на електрична енергија, па оваа нафтена криза не го погодува целосно. Сепак, има значителен удар – ако цената на горивата порасне за 30 проценти, тоа ќе значи и раст на цената на инпутите, што дополнително ќе се пресметува и ќе треба да се амортизира“, нагласува Костадинов.
T.Д.
