Владата размислува да го намали ДДВ то и акцизата за увоз на енергенси. Ако цената на нафтата отиде превисоко во тој случај, ова се двете мерки со кои може да се интервенира. Случувањата на Блискиот Исток и неизвесноста колку ќе траат ги размрдаа берзите. Премиерот Мицкоски уверува безбедносната состојба во земјава е стабилна, но очекува економски предизвици. Смета дека поголем притисок од воениот конфликт ќе има врз цената на нафтата, а помали ќе бидат последици од поскапувањето на гасот.
Мирна и стабилна е безбедносната состојба, не постои ризик за земјава. Имавме Совет за безбедност, направивме анализа, врз основа на информациите кои ги добивме, безбедносната состојба е стабилна, можеби со тек на време ќе имаме одредени економски предизвици, односно притисок врз цената на енергенсите, на нафтата и на гасот, повеќе на нафтата. Можно е да има зголемување на цените, но во разговор со Министерството за финансии ќе реагираме, можеби со намалување на акцизите за да намалиме ударот врз стандардот на граѓаните“, изјави премиерот Христијан Мицкоски
Според, законот во услови на природни и други непогоди во земјава, на прогласување воена, вонредна или кризна состојба државата за увоз на енергенси може да го спушти ДДВ то од 18 на 10 отсто, а акцизата да ја намали од 1, 2 до 4 денари за да се ублажи ударот од поскапување.
Од ЕСМ веќе соопштија дека проблеми со греењето оваа сезона не се очекуваат, затоа што потребниот гас е обезбеден од претходно.
Количините пак на бензин и дизел во државните резерви се доволни за да покријат нешто над 60 дена. Иако, е најдобро да се за 90 дена, од Министерството за енергетика тврдат дека се стабилни и најверојатно ќе се надополнуваат.
Во однос на тоа дали пред нас е нов бран на поскапување на производите, надлежните деновиве уверуваат дека цените за сега се стабилни. Од новите глобални случувања земјите веќе стравуваат од нова повисока инфлација, а во соседството во Србија веќе се работи на мерки кои најверојатно ќе се соопштат викендов.
Со стартот на воениот конфликт цената на нафтата скокна и веќе неколку дена е над 80 долари за барел, гасот пак поскапи за над 40 проценти затоа што Катар го сопре производството. Во САД пак денеска цените на дизелот се највисоки во последните две години.
Ирена Чачкова
