Македонија е чекор поблиску до укинување на роамингот со Европската Унија, откако Европската комисија побара дозвола од Советот да започне преговори со земјите од Западен Балкан за приклучување кон европската зона „роаминг како дома“. Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски е оптимист дека државата ќе ги исполни условите до средината на март и дека процесот може да се заокружи уште оваа година.
„На 25-ти Европската комисија побара од Советот дозвола да започне преговори со државите од Западниот Балкан за приклучување во зоната на слободен роаминг. Тоа значи дека ако плаќате пакет од 500 денари кај некој оператор во Македонија, кога ќе патувате во Германија нема да плаќате дополнителни трошоци за повици, СМС или интернет – ќе го користите истиот пакет како дома“, изјави Андоновски.
Тој оцени дека отворањето на процесот е „најдобар демант“ за тврдењата дека Македонија ќе остане надвор од иницијативата.
„Ова е најдобар демант за душегрижниците кои изминативе месеци тврдеа дека нема да добиеме ‘роаминг како дома’. Сега секоја држава, како што ќе ги исполнува условите, така ќе може да започне преговори“, рече министерот.
За разлика од Украина и Молдавија, Македонија нема директна правна основа во Договорот за стабилизација и асоцијација, па ќе треба да потпише дополнителен билатерален договор со Европската комисија. Претходно, земјата мораше да усогласи четири европски регулативи и една директива во Законот за електронски комуникации.
„Станува збор за регулативи од 2016, 2018, 2021 и 2022 година кои значат либерализација на пазарот, формирање на БЕРЕК и намалување на роаминг трошоците. Најголем залак беше Директивата – Кодот за електронски комуникации. Ние веќе сме целосно усогласени со таа директива, а четирите регулативи ги вметнавме во последните измени на законот и ги испративме до Европската комисија на мислење“, појасни Андоновски.
Тој посочи дека дел од регулативите требало да бидат прилагодени уште во изминатите години. Една од клучните теми е и примената на европската политика за фер потрошувачка, според која цената по надминување на пакетот не смее да биде повисока од 2 евра за гигабајт, а од 2027 година – 1 евро. Во однос на можноста за намалување на цените уште пред финализација на процесот, министерот посочи дека очекува позитивен ефект врз пазарот.
„Се надевам дека ова ќе ги мотивира операторите. Оваа погодност за граѓаните не е голема сума за операторите, а е огромна олеснителна околност за луѓето кои патуваат“, рече тој.
Иако не сакаше да прецизира точен датум, Андоновски вели дека Македонија има амбиција да биде меѓу првите што ќе ги завршат обврските. Според него, придобивките од „роаминг како дома“ се споредливи со визната либерализација.
Т.Д.
