Почина македонскиот фолклорист, долгогодишен просветен работник и истражувач на народното творештво Иван Котев, еден од најзначајните собирачи и проучувачи на македонскиот фолклор од Струмичко и Малешевијата.
Котев е роден на 14 јули 1939 година во селото Робово, Струмичко. По завршувањето на Учителската школа „Гоце Делчев“ во Штип работел како учител и наставник по македонски јазик во училиштата во Иловица, Босилово и Дабиља, а дипломирал и на Филолошкиот факултет во Скопје.
Од 1970 година, како надворешен соработник на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, ја започнал својата интензивна собирачка и истражувачка дејност.
Во текот на повеќе од пет децении собрал илјадници народни песни, приказни, поговорки, анегдоти и други изворни фолклорни материјали, со што остави значаен придонес во зачувувањето на македонското културно наследство. Автор е на повеќе книги од областа на фолклорот, етнологијата, литературата и образованието, учесник на бројни научни собири во земјата и странство и коавтор на три филмувани приказни снимени според народни приказни собрани на терен. Неговата библиографија опфаќа 195 библиографски единици.
За својата работа добитник е на повеќе признанија, меѓу кои Дипломата „Истакнат педагошки работник“, Благодарница од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, како и Годишната награда и Наградата за животно дело на Општина Струмица. Во 2021 година, по повод 50 години од неговата фолклористичка дејност, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ и Општина Струмица организираа научен собир во негова чест, на кој му беа доделени високи признанија за неговиот придонес во истражувањето и афирмацијата на македонскиот фолклор
