Членство во Европска унија (ЕУ) без право на глас и на вето не е можно со постоечките Договори на Унијата. Ова го изјави евроамбасадорот, Михалис Рокас, според кого тоа би било можно само доколку земјите-члнеки едногласно ги сменат договорите врз кои се заснова Европската унија.
Изјавата на Рокас уследи, откако премиерот Христијан Мицкоски во телевизиско интервју рече дека постои опција Македонија да стане членка на Европската унија во 2027 година, но без право на глас. Мицкоски ова го објави како план на Унијата во врска со мировната иницијатива за Украина.
Според него, Унијата разработувала две сценарија – првото предвидувало Украина, заедно со Црна Гора, Албанија и Македонија, да стане членка на ЕУ на почетокот од 2027 година, со учество во работата на Европскиот совет, комисиите и телата на Унијата, но без право на глас, додека второто сценарио предвидува вклучување и на другите земји од регионот – Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Молдавија.
Рокас денеска изјави дека важечките Договори на ЕУ не предвидуваат земји од втор ред.
