Експресно за десетина минути пратеници ги изгласаа измените на шесте закони откако тие ги минаа комисиските филтри а со кои ќе се запре автоматското зголемување на платите на избраните и именувани лица по усогласувањето со просечната плата.
Со оглед на тоа што просечната плата минатата година е зголемена за 9,6 проценти, платите на над илјада министри, заменици министри, пратеници, судии обвинители, членовите на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители како и градоначалниците требаше да пораснат меѓу 10 и 13 илјади денари.
Според пратеникот Скендер Реџепи од Коалицијата „Европски фронт“, намалувањето на платите на функционерите нема да го подобри стандардот на граѓаните, туку тоа треба да се постигне со раст на минималната плата.
Со овие измени наместо по 200 евра, највисоките функционери, премиерот, собранискиот спикер и претседателот на државата ќе добијат по 200 денари покачување на платата. Со намалување на коефициентот за пресметка на платата од 3,47 на 3,17, наместо по 140.468 денари, сега ќе добијат по 140.675 денари. Со намален коефициент од 2,85 на 2,60, министрите, пак, ќе добијат по 13 денари повисока плата, односно наместо по 115.565 денари, ќе земат 115.578 денари.
- „За пратениците и функционерите во извршната власт ги намалуваме коефициентите со што директно го кратиме буџетскиот товар, за судиите и јавните обвинители предвидуваме усогласување на коефициентите со цел нивните плати да бидат во корелација со реалните економски можности на државата, додека за градоначалниците предлагаме нова скала на коефициенти, зависно од бројот на жители во општините“, појасни Бојан Стојановски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Единствено со реакција се јавија од Здружението на јавни обвинители кои побараа измените во делот на обвинителската плата да не се донесат бидејќи нивните плати се движеле од 90 до 130 илјади денари и биле најниски во регионот.
Ова е трето намалување на бодот за сложеност, откако Уставниот суд пред три години ја одмрзна основицата и сега како расте просечната плата, така секоја година енормно растат и платите на функционерите.
На денешната седница пратениците не ги изгласаа законските измени за минимална плата предложени од СДСМ со кои минималецот требаше да порасне на 36 илјади денари односно 600 евра.
Огнен Чанчаревиќ
Б.С.
