Обилните врнежи го крепат енергетскиот сектор. Паѓа производството на струја од термоцентралите, но скок е забележан од хидроцентралите. Па, така од бројките на статистичарите може да се види дека за една година, во декември 2025 во однос на истиот месец од претходната, за 34 отсто помалку струја произвеле термоцентралите во државава. Најголема е РЕК Битола која ретко кога работи со три блока, ТЕЦ Осломеј, пак, се вклучува на периоди, Неготино воопшто не работи. За таму планот е да се прави гасна централа.
Од друга страна, пак, во истиот период производството од хидроцентралите пораснало за над 50 отсто. Обилните врнежи од дожд му помогнаа на ЕСМ во зимски услови, кога потрошувачката е значително зголемена. Вообичаено оваа енергија е за да се надомести во одредени периоди, кога е зголемена. Но, сега поради скок на производството, оваа струја се употребува за 24 часовно покривање на потребите.
„Веќе подолго време, хидроелектраните по течението на Црн Дрим, на Глобочица и на Шпилје испорачуваат електрична енергија во базен режим, односно 24 часа дневно. Согласно потребите за одржување на безбедното ниво на акумулацијата Тиквеш, истоимената хидроелектрана на Црна Река работи со зголемен интензитет во поголемиот дел од денот“, соопштуваат од ЕСМ.
Од ЕСМ уверуваат и дека поради ваквата состојба со акумулациите, во март нема да има набавки на електрична енергија. Но, ќе се купува, а кога ќе има можност и продава на домашната берза.
Поради зголеменото хидрониво кое зависи од временските услови, не треба да се занемарат големите проблеми во домашниот енергетски сектор.
Бројките за набавка на струја и загубите на ЕСМ сè уште се многу високи, а тоа ја урива ликвидноста на компанијата.
Според последните податоци кои ги има досега, загубите на компанијата надминуваат 90 милиони евра, додека за набавка на струја потрошени се над 60 милиони евра. Но, појасна слика за тоа како работел ЕСМ во 2025 година ќе се види откако ќе биде објавен годишниот извештај за компанијата.
Ирена Чачкова
