Вести Македонија Најважни

Обвинителката Ристоска му одговори на премиерот

Изборот на државен обвинител треба да биде заснован на квaлитет, а не на подобност, реагира обвинителката Ленче Ристоска, откако премиерот Mицкоски во телевизиско интервју рече дека Ристоска не е во игра, пред позитивните мислења за четворицата кандидати да бидат разгледани на седница на Влада. Кога кандидат однапред се исклучува, без анализа на неговата програма и професионален пат, тоа отвора прашања за природата на критериумите што се применуваат.

„Професионалците во системот мора да знаат дека нивниот труд и стручност се единствената валута што треба да одлучува. Во спротивно, ризикуваме да испратиме порака дека без разлика на компетентноста, подобноста е примарна, а тоа не е патот по кој треба да се движи едно демократско општество“, изјави обвинителката Ленче Ристоска.

Премиерот во вчерашното интервју на „Канал 5“ рече дека Владата сè уште го нема добиено записникот од Советот на јавни обвинители и ќе се произнесе, откако ќе го добие, но за Ристоска беше дециден.

„Да зборуваме врз основа на документи и на факти, сепак сум претседател на влада не можам да изнесувам свои лични ставови. Да ги добиеме записниците и тогаш ќе се произнесеме. Апсолутно, не се сите во игра. Мојот став поврзан со тоа име е апсолутно дека тоа име не е во игра. Па еве, искатализиравме барем некаков одговор, од четворица, тројца се во игра“, изјави премиерот. 

Реагираа невладините од платформата за борба против корупција. Јавни изјави на премиерот, со кои однапред се исклучуваат одредени кандидати во фаза кога Владата сè уште нема донесено одлука, создаваат ризик од политичко влијание врз процесот.

Од платформата велат дека одговорноста за интегритетот на овој процес е директно на Владата. Бараат одлуката да биде јавно, детално и аргументирано образложена врз основа на однапред утврдени и мерливи критериуми. Секое отстапување од принципите на професионалност, еднаков третман и транспарентност, ќе значи сериозно нарушување на довербата во постапката и дополнително ќе ја поткопа довербата во независноста на обвинителството, велат невладините.

„Укажуваме дека јавни изјави на претседателот на Владата, со кои однапред се исклучуваат одредени кандидати, во фаза кога Владата сè уште нема донесено одлука, создаваат ризик од политичко влијание врз процесот. Особено имајќи предвид дека станува збор за кандидати за кои веќе е утврдено дека ги исполнуваат законските критериуми, ваквите изјави можат да ја нарушат довербата во еднаквиот третман и во интегритетот на постапката. Изборот на државен јавен обвинител не е политичка, туку институционална одлука со значајни последици врз владеењето на правото и системот на кривична правда“, велат од Платформата.

Советот на јавни обивнители вчера ги комплетираше мислењата за четворицата кандидати кои добија зелено светло и ги испратил до Владата, која понатаму треба да испрати еден кандидат до Собранието. Филтерот на советот за првпат го минаа четворица кандидати. Ве-де обвинителката Анита Тополова-Исајловска, обвинителките Лидија Раичевиќ и Ленче Ристоска и судијата од Кривичниот суд, Ненад Савевски. За екс претседателот на Кривичен, Владимир Панчевски оценија дека не ги исполнува условите.

Елена Ивановска Мукоска

Дигитална обработка: T.Д.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Бугарско МНР: Наредена е инспекција за да се утврдат сите факти поврзани со обработката на нотата поврзана со Мицкоски

Дејан Дејан

Без да се прифатат клучните барања на вработените, усвоени законите за судска и обвинителска служба – синдикатот реагира дека не се гарантира ни независност ни повисоки плати

Дејан Дејан

Болница „Демир Хисар“ прибежиште на осуденици со лажни психијатриски наоди – последиците ги трпат вистинските пациенти кои се малтретирани и заплашувани

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе