Вести Македонија Топ вести

Вајц: Северна Македонија да испорача реформи, а ЕУ своите обврски

Од суштинско значење за евроинтеграцијата на државата, особено во контекст на новата геополитичка реалност, е сите политички актери, особено Владата, да даваат опипливи резултати во клучните области, а во исто време ЕУ и нејзините држави членки мора ги исполнат своите обврски, целосно да ја поддржат земјата, вклучително и преку активен дипломатски ангажман, за да ѝ помогнат да напредува во исполнувањето на сопствените обврски, порачува известувачот на Европскиот парламент (ЕП) за Македонија, европратеникот Томас Вајц, во годишниот нацрт-извештај за напредокот на државата кој ќе биде презентиран пред Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ) на 26 февруари.

Ова ќе биде втор извештај за земјата од 2022 година по тој минатата година, кој беше усвоен од ЕП.

„Северна Македонија моментно се наоѓа во тешка позиција, бидејќи процесот на пристапување е сопрен. И покрај некои позитивни реформи, напредокот на реформската агенда на ЕУ, особено во клучни области, како владеењето на правото, реформите во правосудството и борбата против корупцијата, е недоволен. Ова се должи на изборната кампања, ограничените капацитети во јавната администрација и недостигот на долгорочна политичка посветеност“, нагласи Вајц.

Тој посочува дека не е постигнат напредок во однос на уставните измени поради загриженост за потенцијални дополнителни билатерални блокади или барања од Бугарија. Смета дека е потребно и итно зголемување на политичката волја од двете страни за да се надмине овој ќор-сокак.

Вајц нагласува дека во време на големи промени во меѓународниот поредок, особено поради војната на Русија против Украина, ненадејната неизвесност во врска со иднината на трансатлантската алијанса и пошироките закани за меѓународниот поредок базиран на правила, од суштинско значење е Европа да остане обединета.

„Во овој геополитички контекст може да се појават можности за оживување и забрзување на процесот на пристапување. Сепак, тој процес ќе остане заснован на заслуги и цврсто врзан за напредокот во фундаменталните области, особено владеењето на правото. Затоа од суштинско значење е сите политички актери во Северна Македонија, особено Владата и пратениците од владејачкото мнозинство, да ја препознаат оваа нова итност и да почнат да даваат опипливи, убедливи и искрени резултати во овие клучни области, без понатамошно одлагање“, истакна Вајц.

Тој додаде дека напредокот на реформите во областа на владеењето на правото не е важен само за приближување кон членство во ЕУ, туку е клучен и за изградба на просперитетна и отпорна држава, која им служи на сите граѓани.

Нацрт-извештајот ќе ги помине сите филтри во ЕП пред да дојд на пленарна седница, а во тој процес може да претрпи амандмански измени, поради што неговата конечна верзија ќе биде позната по минувањето на сите фази во ЕП.

Во нацрт-извештајот се изразува целосна поддршка за посветеноста на земјата кон членство во ЕУ и за посветеноста на македонските граѓани за интеграција во ЕУ, но се препорачува дека е потребно обновување на политичката посветеност, вклучително уставните измени, конструктивна меѓупартиска соработка и ефективен парламентарен надзор за напредок на реформите.

Во однос на медиумите и граѓанското општество, се наведува дека е потребно подобрувања во насока на поголема слобода и независност на медиумите, борба против дезинформациите и вклучување на граѓанското општество во реформите.

Генералната рамка во однос на основните права е во голема мера на задоволитено ниво, а се посочува дека се потребни подобрувања во областа на родовата еднаквост, правата на немнозинските заедници, лицата со попреченост и ЛГТБ-заедницата.

Во областа на владеењето на правото, во нацрт-извештајот се наведува дека политичката поларизација, ограничената меѓупартиска соработка и намалената јавна доверба во институциите продолжуваат да влијаат на спроведувањето на реформите, особено во клучните реформи, кои се однесуваат на правосудниот систем и на борбата против корупцијата.

Во нацрт-извештајот, во делот за социјално-економски реформи, се поздравуваат првите чекори во спроведувањето на реформската агенда, но се се наведува дека се потребни дополнителни напори, на пример, за активирање на пазарот на труд.

Во однос на животната средина, биодиверзитетот, енергијата и транспортот, се поздравува напредокот поврзан со Законот за енергетиката и коридорите 8 и 10, а се посочува дека се потребни повеќе инвестиции во транспортот, енергетската инфраструктура и во законодавство за животната средина.

Во делот за регионалната соработка и надворешната политика се поздравуваат конструктивното учество на земјата во регионот и усогласеноста со надворешната политика на ЕУ и се повикува на доследна посветеност на дијалог и соработка со соседните земји.

По презентирањето на нацрт-извешајот на 26 февруари, документот во периодот март – април ќе биде разгледан од сите политички групи по што следува гласањето за него во АФЕТ во мај, како и гласање на пленарна седница на ЕП пред летната пауза.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Барањето на Македонија за гаранции за влез во ЕУ е невозможно, став на Мојсовска во Топ Тема

Дејан Дејан

Протестен марш на ДУИ против укинувањето на одлуката за преименување на десетина улици од 2007-ма година

Igor Trajkov

Пораките од Брисел се јасни: без уставни измени, земјата може многу малку да искористи од новите иницијативи

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе