Блокада на Владата пред утрешната редовна седница е следниот чекор на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), во обид да го засили притисокот и да издејствува што е можно поголемо зголемување на минималецот од законски предвидените 1.600 денари.
Од ССМ потсетуваат дека минатата година тие и работодавачите постигнаа договор за зголемување на платите за 6.000 денари, но Владата одби да ги субвенционира придонесите.
„Последната од блокадите пред Владата е токму поради тоа што Владата, заедно со газдите, не се договорија до 31 декември за зголемување минималната и на останатите работнички плати. Работодавачите беа подготвени да ги зголемат платите за најмалку 6.000 денари, побараа одреден временски период да не ги плаќаат придонесите кои беа во висина од 3.000 денари по работник. Падна и последниот аргумент на владините претставници кои заедно со газдите го зборуваат овој период, а тоа е дека македонските работници не биле продуктивни. Македонските работници се премногу продуктивни за платите кои ги примаат. Само 17 проценти од она што го создаваат како капител на работодавачите се слева во платите на работниците“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
Синдикалците апелираат до владата на утрешната седница да ги донесат одлуките со кои ќе се зголеми минималецот и ќе се ослободи плаќањето на придонеси, како услов за раст на платите за сите работници во Македонија.
Од Стопанската комора, каде што минатиот четврток беше блокадата на ССМ, велат дека проблемот треба да се реши преку дијалог, а не протести.
„Сто пати сум повторил, дијалог, дијалог, дијалог. Протест не е никакво изразување на некакво мислење. Тоа може само да докомплицира“, категоричен е Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.
Членството на ССМ, пак, бара да се организира уште еден протест, а потоа да се оди на веќе најавениот генерален штрајк.
„Барањето од работниците и размислувањето на дел од синдикатите е да се организира уште еден голем работнички протест. ССМ ќе донесе одлука за организирање на генерален штрајк. Со таа одлука секој еден вработен и во јавниот и во приватниот сектор ќе биде заштитен. Генералниот штрајк, според размислувањата, треба да трае 24 часа и за време на нереалниот штрајк нема да се извршуваат работните задачи“, најави Трендафилов.
ССМ нема да се откаже од обидот да собере 10.000 потписи за да може до Собранието да достави законски измени за намалување на платите на избраните и именувани функционери и зголемување на минималната плата.
Огнен Чанчаревиќ
