Српските и црногорските камионџии се закануваат со нови блокади на границите, ако не се реши проблемот со престојот на превозниците во Шенген-зоната. Македонските велат „ако проблемот не се реши, нема да има потреба од блокади, зашто нема да има кој да вози“.
Најголема нервоза кај превозниците создава бавноста на разговорите со Европската унија (ЕУ). Пред неколку дена се одржа првиот состанок на работните групи на техничко ниво од земјите од Западен Балкан со Европската комисија (ЕК). Наредниот состанок е закажан за две недели.
Македонските бизнисмени се незадоволни од односот на ЕУ.
„Ќе ја продолжиме битката, ние сме учени на вакви тешки битки да издржуваме и во други области, меѓутоа мислам дека е некоректен односот за со едно соопштение, со една реченица да се одбијат сите предлози, затоа што јас сум внатре во процесот и сум информиран дека имаше 50-тина предлози што можеа да ја решат ситуацијата и можеа да ги отворат перспективите“, вели претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.
Црногорскиот медиум „Вијести“ објави дека ЕУ ги одбила сите предлози и оти се можни нови блокади. Претседателот на српското здружение на превозници Неѓо Мандиќ за Танјуг изјавил дека последниот состанок на работните групи бил катастрофален и оти ништо не било прифатено. Српските превозници донеле одлука за нови блокади на границите, но датум сè уште не е утврден.
Во Министерството за транспорт и врски, пак, велат дека разговорите се во тек и се бара решение во рамки на новата визна стратегија која ја промовираше Европската унија. Велат ЕУ се согласи да ја одложи примената на системот за електронска евиденција.
„Како Министерство апелираме да не се потпаѓа на шпекулации и секаков вид непроверени информации кои може да наштетат на дијалогот. Особено не на шпекулации од соседните држави. Секоја држава одлучува за себе. Македонија продолжува со дијалог за трајно решение“, соопшти Министерството за транспорт и врски.
Македонските превозници бараат засилено лобирање за што побрзо решавање на проблемот. Испратиле писмо до министерот за надворешни работи Муцунски, до Советот на странските инвеститори, до странските комори во земјава и амбасадите од Шенген-државите во кое бараат тие да лобираат за надминување на проблемот и да се најде начин полесно да се помине преодниот период, додека трајно не се реши проблемот.
За превозниците од Западен Балкан, како и за сите останати граѓани, важи правилото дека може да престојуваат во земјите од Шенген-зоната најмногу до 90 во 180 дена. За превозниците, тоа е премалку. Дополнителна загриженост предизвикува електронскиот систем за евиденција за влез и излез од ЕУ, со кој веднаш ќе се знае дали некој го пречекорил престојот, наместо како досега кога се броеја печати во пасошите, па граничните служби често им прогледуваа низ прсти. Минатиот месец, камионџиите од регионот ги блокираа границите во знак на протест.
Срѓан Стојанчов
