Сиромаштијата е поголем проблем за граѓаните од предвидените околу три отсто инфлација кои ги очекува премиерот Мицксоки. Цени на рафтовите повисоки од оние во Германија. Во отсуство на владини мерки, граѓаните велат одамна едвај го поминуваат месецот. Премиерот смирува – се водат домаќински политики. Експертите, пак, очекуваат подобрување со влез на големи ланци маркети.
Граѓаните се погласно се жалат дека животот од ден на ден станува поскап, премиерот Мицкоски, пак, очекува инфлацијата да попушта. Оние кои ги анкетиравме велат дека состојбата со цените веќе е алармантна.
Одамна домашниот буџет не им доволен за да го покријат месецот. И додека премиерот тврди дека се водат домаќински политики кои се во интерес на граѓаните и се надева дека бројките на инфлацијата полека ќе одат надолу, дел од граѓаните реагираа дека ситуацијата во маркет е сосема друга.
Тврдат дека производите тука се поскапи од Германија.
Очекувањата на премиерот се дека инфлацијата која статистика треба да ја објави утре ќе се движи околу 3 проценти. Годишната, пак, за 2026 година очекува да биде и под овој процент. Ланската година, пак, се заврши со стапка на инфлација од 4,1 отсто.
Познавачите велат дека инфлацијата во земјава не е поради големата побарувачка, туку поради лошиот пазар во делот на трговијата со прехранбени производи. Значително расте и увозот на храна. Па, така лани за тоа биле потрошени рекордни 1,1 милијарда евра.
„Животен стил на граѓаните е да одат на шопинг во неколкуте големи ланци на маркети. Еднаш неделно се оди на шопинг, тука се купува се и тоа е современо живеење и собраа многу добар дел од побарувачката. Нема каде да се оди, се затворија гранапчињата, се затворија зелените пазари“, вели универзитетскиот професор Ванчо Узунов.
„Можеби некое позитивно раздвижување би било со влегување на овие големи ланци на маркети, по примерот на соседството што ќе ја зголемат конкуренцијата“, смета Кирил Миновски, поранешен министер за финансии.
Инаку, според анализите за две години синдикалната минимална кошничка се зголемила за над 9.200 денари.
Статистика, пак, во пресметката на инфлацијата ќе ја примени и новата регулатива од ЕУ. Од таму тврдат дека промени во производите кои влегуваат во анализата нема, измени има само во нивното групирање.
Ирена Чачкова
Б.С.
