Владата на денешната седница се очекува да донесе одлука да се проверува секоја фирма за одгледување на марихуана за медицински цели, откако ова го најави премиерот Христијан Мицкоски. Таквата одлука следи по заплената на 40 тони марихуана во Скопје и струмичкиот регион, а премиерот уште еднаш повтори дека очекува заплената да достигне и до 100 тони.
Мицкоски како проблем го посочи донесувањето на правилникот, односно подзаконскиот акт од страна на претходната влада на СДСМ и ДУИ за да се одгледува цвет од марихуана кој не ги задоволува потребните норми.
„Биле свесни дека тоа ќе се случи и ако не ги задоволува тие норми, логично е дека со негово користење или во процесот на екстракција, маслото кое што се произведува не може да биде лиценцирано и да се најде во продажба, односно да биде пуштено во промет. Тоа им било многу јасно на тие што го носеле тој правилник. Вистинското прашање е кој бил мотивот да се донесе таков правилник ако вие знаете дека не може да го постигнете квалитетот за да произведете масло кое што ќе се продава на пазарот и кое што ќе ги исполнува нормите“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
„Како пет тони дрога, во неколку камиони ја преминале границата? – Кој ќе одговара? – Фактите упатуваат дека без поддршка од структури во власта, во МВР, во Царината и во други институции, ваква масовна шверцерска операција е невозможна“, обвинуваат пак од СДСМ.
Во декември во 2023 година, како што објави КОД, е направена најголемата трансформација во одгледувањето на канабисот. Тогашниот министер за здравство Фатмир Меџити го носи Правилникот за поблиските услови по однос на просторот, опремата, кадарот, начинот на обезбедување и чување на просторот на кој се одгледува канабисот.
Клучната измена е во членот 2, точка 3. Со оваа измена е овозможено да се одгледува канабисот на нива, а тој канабис според експертите не е квалитетен и не може да го откупат фармацевтските компании, па останува на црниот пазар или како марихуана или како неквалитетно масло кое се продава на црниот пазар. Оттука, според извори на КОД големите количини необработен канабис е складиран во неколкуте лиценцирани фирми каде имаше полициска акција.
„Алфафарм“ е една од тие фирми која е формирана во пресрет на измените на правилникот, каде беа запленети над девет тони марихуана по апсењето на нејзиниот ко-сопственик Иван Драгниќ во Србија.
Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја истражува поврзаноста на запленетите пет тони марихуана во Србија со одземените 40 тони од неколку фирми за одгледување на медицинска марихуана во земјава, а се сослушуваат и сведоци.
Српските надлежни органи тврдат дека марихуната пристигнала од македонско тло, а премиерот се уште нема информации дали петте тони излегле од нашата граница заведени како друга стока.
Иако законски, задолжително е секоја реколта од марихуана да биде проверена од надлежната комисија, во фирмата „Алфафарм Груп“ немало контрола речиси две години, објави КОД на Телма во последното издание, во недела. Еден од сопствениците на фирмата, Иван Драгниќ е уапсен во Србија во акцијата кога во Крушевац беа запленети пет тони марихуана по што беше отворена истрага и во Македонија, а во таа фирма сместена во кругот на ОХИС беа најдени над девет тони марихуана за кои се утврдени повеќе неправилности.
Марија Митевска
