Општината да преземе поенергични мерки за решавање на проблемот со бездомните кучиња, побараа невладините ромски организации по немилиот настан во кој дете кое си играше во дворот пред куќата во населбата Баир беше нападнато од глутница кучиња. Детето е искасано по целото тело, а со тешки повреди од битолската болница беше префрлено на Клиниката за детска хирургија, каде сè уште се лекува. Денеска од таму информираат дека е во стабилна состојба.
„Не само во Баир, туку низ целиот град. Луѓето се плашат да излезат на улица низ цела Битола. Сега кога доаѓав наваму, на 100 метри од општината имаше глутница кучиња. Прв приоритет на Советот, на Општината и на градоначалникот треба да биде отстранувањето на уличните кучиња, вели Самедин Канановски од НВО „Центар за интеграција на Ромите“-Битола.
Таткото едвај успеал да го спаси двегодишното дете од кучињата. Детето има повреди на лицето, вратот, стомакот, препоните и нозете.
„Глутница кучиња влезе во дворот и го растргнаа влечејќи го детето 200–300 метри. Не беше на улица, туку во дворот. Кружат дезинформации дека тоа биле маалски кучиња и дека имаат газди, но тоа не е точно“, вели Канановски.
Од Општина Битола велат дека веќе функционира прифатилиштето за бездомни кучиња, по принципот „залови, стерилизирај, вакцинирај и врати“, но потребни се повеќе години за да се намали нивната популација.
Сепак, уличните кучиња се проблем не само во Битола, туку и во повеќе градови низ државата. Минатата недела од кучиња скитници беше касната скопјанка која трчала на кејот на Вардар. Општините од буџетот секоја година исплаќаат илјадници евра за обештетување на граѓани кои биле каснати од улични кучиња.
Eмилија Мисирлиевски
Дигитална обработка: T.Д.
