Нема да има парламентарни избори за брзо време. Ова е еден од политичките заклучоци кои, според аналитичарот, Петар Арсовски, може да се извлечат од најавената владина реконструкција и синоќешниот состанок на Централното претседателство на ВМРО-ДПМНЕ.
За смените во Извршниот комитет, укажува дека, секој претседател на партија на високи партиски позиции поставува свои луѓе и тоа е очекувано, особено во високо хиерархиски структуирана партија, каде главниот збор секогаш го има претседателот.
Во таа смисла и не очекува драматични промени во нивната политичка идеологија или наратив. За него има логика и отстранувањето на потпретседателите, со аргумент дека никој не треба да биде фаворизиран.
Ова може да се толкува како партиско освежување, но истовремено и дека, Мицкоски, најавувајќи го својот последен мандат, не сака да ги задржи на позициите бидејќи автоматски би се направиле фаворити по завршувањето на неговиот мандат. Вториот потег-именувањето на Ковачки за генерален секретар може да значи и заземање на потврда позиција во спорот со Бугарија за евроатлантската интеграција. Најавената реконструкција треба да се гледа како заеднички проект со овие реформи и е во насока на изјавата на премиерот дека не треба да се очекуваат брзи предвремени парламентарни избори, вели Арсовски.
Отстранувањето на потпретседателите, пак, опозицијата го толкува како потег на Мицкоски со цел да владее апсолутистички во партијата откако, како што велат, на клучните позиции си поставил свои блиски луѓе.
Ги постави своите најблиски другари: Томовски – за организациски секретар, со цел да ги контролира тендерите.Тука е и човекот на Сашо Мијалков од службите – Драган Ковачки.Човекот кого НАТО го одби, кој не исполнува услови за сертификат, сега е првиот човек за Мицкоски во партијата. Тоа се „реформите“ во ВМРО, наместо нови лица – стара банда, велат од СДСМ.
Ова за ВМРО-ДПМНЕ е класична пропаганда без факти и аргументи.
Факт е дека Драган Ковачки поседува безбедносен сертификат од НАТО, што целосно ги демантира лагите дека бил одбиен од НАТО или не исполнува безбедносни услови. Сето ова е злонамерна конструкција. ВМРО ДПМНЕ спроведува внатре-партиски реформи согласно статутот и со јасна цел-ефикасна, одговорна и европски ориентирана партија, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Централното претседателство синоќа смени неколку лица во Извршниот комитет, постави нови генерален и организационен секретар, а е најавено и дека ќе бидат избрани нови претседатели на општинските комитети, како и нови раководства на Унијата на жени, Унијата на млади сили и Унијата на ветерани.
Далиборка Демјанска Цветановска
