Српската пациентка Јована Алексиќ, која има меланом, карцином на кожата со метастази, ќе биде првата личност во светот што ќе почне лекување со руската вакцина против рак, изјави шефот на катедрата на патологија на универзитетот Сеченов во Москва, Сергеј Бољевиќ.
Нејзиното лекување, додаде тој, ќе почне во наредниот месец до два.
„Ова не е клиничко испитување, туку лекување. Вакцината за неа ќе почнеме да ја подготвуваме од понеделник на институтот „Гамалеја“. Сите вакци се персонализирани. Одлуката за првиот пациент да биде од Србија е поради добрите односи со земјата. Покрај неа, работиме и со други пациенти, но таа ќе биде прва во светот која ќе почне вакво лекување“, изјави Бољевиќ, пренесува „Политика“.
Тој спореди дека во тек е работа со 10-тина пациенти, додека за другите видови на карцином, меѓу кои и рак на дојка, се чека одобрување за примена.
„Вакцината е применлива во било која фаза на рак и метастази и практично може да се применува кај сите облици на карцином, но руската држава засега одлучи да работи со меланомите и ракот на белите дробови“, појасни доктор Бољевиќ.
Процесот на подготовка на вакцината, наведе тој, користи вештачка интелигенција и оти резулатите ќе бидат презентирани на конференција во Сочи во април оваа година. Според него, вакцината се покажала ефикасна во, речиси, 95 отсто случаи.
