Судскиот совет ја проверува работата на осомничениот апелационен судија Ѓоко Ристов на неколку предмети откако на нивна адреса пристигнала анонимна претставка. На Ристов му се одзема имунитетот и е оддалечен од судската функција откако во куќа на неговите родители во Неготино беа пронајдени соѕидани 350 илјади евра. Претседателот на Судскиот Совет, Александар Камбовски вели дека се уште се разгледуваат предметите.
„Беше извршена контрола на дел од предмети на кои постапувал судијата кој го спомнавте, но во моментов немам податоци да ви изнесам во смисла дали е детектирано некој пропуст или не, бидејќи комисијата се уште ги разгледува предметите“, рече Камбовски.
Тој додаде дека неделава треба да има епилог од проверката на предметите и најави дека во најскоро време ќе се проверува работата на целиот Апелационен суд.
„Шест или седум предмети. Претставката ја водевме како анонимна, бидејќи беше потпишана од група на вработени, стручни соработници во Апелациониот суд Скопје без потпис без имиња и презимиња, тоа според законот се води како анонимна, меѓутоа решивме да формираме група да ги провериме тие предмети. Во меѓувреме ни стигна демант исто од група на вработени, стручни работници дека не ја поднеле таа преставка, исто без имиња и презимиња, но втората има потписи ставени и двете ги цениме како анонимни“, рече Камбовски.
КОД во последната емисија веќе пишуваше дека имало поднесено 5 претставки до Судскиот совет за предмети на кои како член на советот работел осомничениот судија кој сега е во куќен притвор. Воедно Ристов бил и казнет со 15 отсто помала плата три месеци бидејќи не се изземал од предмет „Титаник 3“за кој требало да одлучува Апелација, иако додека бил во Кривичниот суд го оценувал обвинението.
Марија Митевска
