Осомичениот судија Ѓоко Ристов доби куќен притвор и му е одземен пасошот, откако остана и без имунитет. Во куќата на родителите на апелациониот судија во Неготино викендов беа пронајдени соѕидани 350.000 евра. Сега човекот што делеше правда, се гони за противправно стекнување и прикривање на имот, како и перење на пари.
„На осомничениот му се определува мерка куќен притвор, како и дополнителна мерка за обезбедување присуство, односно одземање на патна исправа и забрана за издавање нова”, соопшти Кривичниот суд.
Судскиот совет претходно едногласно му го одзеде имунитетот, го прифати барањето за куќен привор и времено да биде оддалечен од вршење на судската функција. Распрвата беше зад затворени врати за да не се повреди истражната постапка, а јавноста само го следеше гласањето.
Ристов во меѓувреме беше сослушан во ОЈО ГОКК кое ја води истрагата и беше соочен со доказите против него.
„Денеска предметниот јавен обвинител од ОЈО ГОКК го сослуша осомничениот судија и му ги предочи прибраните докази врз основа на кои се темели основаното сомневање дека ги сторил делата што му се ставаат на товар“, информира ОЈО ГОКК.
МВР, пак, излезе со детали како биле сокриени и пронајдени илјадниците евра во куќата во Неготино кои Ристов го чинеа слободата.
„На првиот кат, поточно во кујнската просторија, биле забележани сомнителни околности за изведување на градежни активности (корекција на ѕидните плочки), по што при отстранување на една ѕидна керамичка плочка, забележана е дупка во која се наоѓале алуминиумски ролни во форма на цилиндер, спакувани во поединечни 13 пакувања, во кои пронајдени се вкупно 610 банкноти во апоени по 500 евра и 225 банкноти во апоени по 200 евра или вкупно 350.000 евра“, споделува МВР.
Истрагата е отворена на средината на декември, по апсењето на адвокатот и поранешен државен правобранител Фехми Стафа кој како бранител на бегалецот Љупчо Пецов Ѓаволот му зел 50.000 евра за да му „среди“ и подмити апелационен судија за замена на затворскиот притвор со домашен.
Марија Митевска
Судски совет го одзеде имунитетот на судијата Ѓоко Ристов, се чека куќен притвор од Кривичен
