Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека би било „опасно“ за Обединетото Кралство да работи со Кина, додека британскиот премиер Кир Стармер се движи кон зајакнување на економските врски со Пекинг на последниот ден од неговата посета.
Британскиот премиер вчера се сретна со кинескиот претседател Шји Џјинпинг залагајќи се за „пософистициран“ однос меѓу двете земји. На новинарско прашање за напорите на Велика Британија да ги зајакне економските врски со Кина, Трамп изрази неодобрување.
– Па, многу е опасно за нив да го прават тоа, а мислам дека е уште поопасно за Канада да влегува во бизнис со Кина, рече тој и додаде дека Канада стои „лошо“ и порача дека „не може да се гледа на Кина како на одговор“.
Канадскиот премиер Марк Карни ја посети Кина претходно во јануари, при што двете земји бараа поблиски економски врски и постигнаа прелиминарен договор за намалување на царините за одредени стоки. Трамп подоцна и се закани на Канада со царина од 100 проценти на извозот доколку Отава влезе во договор за слободна трговија со Кина, но Карни негираше такви планови.
