Вести Македонија

Реферирање за борбената готовност на Армијата пред претседателката и врховен командант на Вооружените сили

Денеска во Домот на Армијата во Скопје се реализираше реферирање за борбената готовност на Армијата за 2025 година пред претседателката и врховен командант на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, на кое присуствуваа и министерот за одбрана Владо Мисајловски и генералите во Армијата.

Во рамки на реферирањето, кое го одржа началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, претседателката Сиљановска-Давкова се запозна со реализираните задачи и достигнувања на Армијата во 2025 година, според следните области: персонал, обука и вежби, опрема и инфраструктура, воено планирање и структура на силите, модернизација и опремување, како и буџет и финансии.

Генералот Лафчиски потенцираше дека Армијата е подготвена да ја исполни својата уставна улога и функција за одбрана на Републиката, да го заштити територијалниот интегритет и независноста на татковината и е подготвена да ги исполни националните и меѓународните обврски, вклучително и придонесот во колективната одбрана, меѓународните операции и заштитата на националните интереси. Тој додаде дека Армијата во изминатата година успешно ги реализираше сите планирани и доделени задачи. Во оваа прилика беше истакнат високиот степен на подготвеност на припадниците на Армијата, успешниот тек на процесот на модернизација и опремување и важната улога на македонските мировници во зајакнување на регионалната безбедност и зачувување на светскиот мир.

На самиот крај од своето излагање генералот Лафчиски потенцираше дека иако борбената готовност е на потребното ниво, Армијата ќе продолжи постојано да ја надградува истата, а тоа е резултат на исполнувањето на планот за модернизација и опремување, континуираниот процес на обука и вежби во земјата и странство и исполнување на пакетот на цели на способности од 2025 година, кој е еден од врвните приоритети на Армијата кон НАТО.

Претседателката и врховен командант на Вооружените сили, Сиљановска-Давкова оцени дека македонската армија е еден од најстабилните и најдоверливите столбови на државата и значаен фактор на регионалната и колективната безбедност.

Според претседателката, засилената соработка со НАТО сојузниците и успешното учество во мисии и вежби во земјава и странство, го потврдуваат кредибилитетот и меѓународниот углед на македонската армија.

Министерот Мисајловски истакна дека Министерството останува целосно посветено на процесите за модернизација на Армијата, како инвестиција во безбедноста на државата и сигурноста на граѓаните.

„Со набавката на нова и модерна опрема, која пристигнува во континуитет, ја јакнеме борбената готовност на Армијата и нејзините капацитети да ја гарантираат безбедноста на сите нас. Ќе продолжиме силно да инвестираме и во модернизацијата, но и во нашите војници кои се еден од клучните столбови на една модерна, НАТО армија“, рече министерот на реферирањето за борбената готовност.

Реферирањето за борбената готовност е планска годишна обврска на началникот на Генералштабот на Армијата кон претседателот и врховен командант на Вооружените сили на Републиката.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Од среда стапува на сила забраната за движење во шумите

Дејан Дејан

Мајката која го претепа тримесечното бебе претходно останала без родителските права за повеќе деца

Дејан Дејан

Одбележана 78 годишнината од прогонството на децата Македонци од егејскиот дел на Македонија – споменикот во Скопје вандализиран

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе