По ревизорскиот извештај за работењето на Општина Охрид, денеска од општината до медиумите испратија соопштение во кое велат дека извештајот на Државниот завод за ревизија се однесува на периодот од 2019 до 2024 година и опфаќа ревизија на целокупното работење на локалната самоуправа во сите сектори, за период од шест години.
-Станува збор за сеопфатна анализа на работењето во повеќе мандатни периоди, а не исклучиво на актуелната локална власт. Се работи за проблеми кои се создавале со години, при што дел од утврдените слабости се резултат на долгогодишни практики и наследени состојби. По приемот на извештајот, Општина Охрид без одлагање започна со имплементација на препораките, преку дефинирање конкретни мерки, рокови и одговорни лица, со цел унапредување на финансиското, административното и институционалното работење. Би сакале да нагласиме дека треба да се прави разлика помеѓу забелешки и препораки, Општина Охрид од Државниот завод за ревизија има добиено препораки во однос на неколку сегменти од работењето, стои во соопштението.
Од општината посочуваат дека во врска со прашањето за дивоградбите, станува збор за долгогодишен, комплексен и наследен проблем, кој не е создаден во текот на актуелниот мандат.
-Решавањето на овој проблем бара институционален пристап, почитување на законските процедури и тесна соработка со централните органи на власта. Општината, посебно оваа локална власт не поддржува и нема да поддржи незаконско градење и дека сите активности се насочени кон воспоставување ред, заштита на јавниот интерес и зачувување на природното и културното наследство на Охрид, додаваат од таму.
Нагласуваат дека во Општина Охрид не се пристапени или дојдени во контрола претставници на Основното јавно обвинителство.
-Би сакале да појасниме дека Државниот завод за ревизија по службена должност и во рамки на законската регулатива треба да го достави Ревизорскиот извештај до ОЈО. Тоа е вообичаена законска процедура од која Општина Охрид не е исклучок. Доколку има потреба нашата администрација стои на располагање за обезбедување на целокупната документација на надлежните органи, која е опфатена во ревизирскиот извештај, велат од општината.
