Судскиот совет денеска формираше група која ќе го испитува судското постапување за укинатиот притвор на Борче Марковски, кој е еден од обвинетите за злоупотреби во РЕК Битола и дислокација на погони од Осломеј.
Марковски беше пуштен од притвор на 16-ти јануари откако судот му ја прифати гаранцијата од речиси 5 милиони евра во недвижности и во возила и механизација.
По предлог на членот на судскиот совет Ивица Николовски, формирана тричлена група која ќе го испитува постапувањето.
На седницата беше посочено и дека поради информациите во јавноста за притворот треба да се отвори постапка за да се утврди како работел битолскиот суд во овој случај.
Советот го повтори и својот став за воедначена судска пракса за гаранциите за осомничени и притворени лица.
Марковски и уште седум други лица се обвинети за штета од над 1,7 милиони евра.
