Во вечерашната Топ Тема гостуваше и Павле Беловски, претседател на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници. Тој истакна дека медиумските работници и новинари се специфична професија за која многу малку се зборува.
„Ние за првпат имаме протест, односно дејствие и акција и единство на сите медиумски работници и новинари. Ние и на претходниот протест бевме и ние секогаш ќе ги поддржуваме протестите за минимална плата, бидејќи ние сме една од индустриите кои можеби најмногу ги засега“, изјави Павле Беловски, претседател на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
Синдикатот на новинари и медиумски работници постои 15 години, а се формирал во еден од најмрачните периоди во време на новинарската професија кога многу од медиумските работници останале без работа поради трансформацијата од печатените кон поновите медиуми.
„ССНМ е водечка медиумска организација со 504 активни членови кои примаат или не примаат плата. Што е проблемот на нашата професија? Ние сме една професија која сме надвор од оние 24 гранки на професии кои не подлежиме на посебен гранков колективен договор. И не доаѓаме ниту до нуклеус на разговор за такво нешто, а камоли каде што ние ќе зависиме од минималната плата за нашите плати“, објасни Беловски.
Претседателот на ССНМ истакна дека медиумските работници, односно гранката нема колективен договор, односно нема ни подзаконски правен акт со кој ќе се утврди растот на платите.
„Ние не знаеме нашата влезна плата, освен нормално минималната. Меѓутоа ние зборуваме за професија која одамна треба да ја надмине минималната плата“, додаде Беловски.
Т.Д.
