Најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека нема да употреби сила во намерите за контрола врз Гренланд и тоа е еден од настаните кои го одбележаа самитот во Давос, односно еден позитивен чекор за каква-таква деескалација во односите меѓу САД и европските држави, пред сè западноевропските држави, членките н НАТО кои што се сојузници, рече Васко Наумовски, професор и поранешен дипломат, во денешното издание на „Директно“ на ТВ Телма.
„Дополнително, покрај потврдата за неупотреба на сила, промоцијата на т.н. „Борд за мир“ за обнова на Појасот Газа беше друг момент кој што го одбележа самитот. И секако, сите држави кои ѓто учествуваат таму имаат за цел да ги заштитат своите политички, безбедносни и економски интереси“, смета Наумовски.
Според него, претседателот Трамп воведе нови правила во меѓународните односи, односно се фокусираше на она што го најавуваше во неговата кампања.
„Заштитата на американските национални интереси, Америка на прво место. Тоа, секако, не им се допаѓа на оние кои што се залагаат за поголем фокус на мултилатералната дипломатија, мултиполарниот свет, но реалноста е таква каква што е. Повеќе од јасно е, во изминатите месеци, видовме дека сите држави треба да се адаптираат на овие новонастанати околности на меѓународната сцена, предизвикани од новата политика на американската администрација“, изјави Наумовски.
С.Д.
