Во куќата во Неготино, претресот траел два дена од празничниот викенд. Во саботата, истражителите со наредба за претрес отишле во Неготино. Претходно, акцијата била испланирана во мал круг на луѓе за да не се пробие. Имало оперативни информации дека во куќата има сокриени пари, голема сума на пари и дека парите се поврзани со сомнежи за судијата добиени во предистрага која се водела повеќе од шест месеци.
Откако почна истрагата за адвокатот и поранешен државен правобранител Фехми Стафа, кој беше приведен за 50.000 евра, во случајот било посочено и името на судијата Ристов, обвинителството веќе извршило еден претрес во домот на судијата во Скопје. Тоа било неколку денови пред Нова година, односно неколку дена по објавувањето на првото истражување на КОД за предметот со Стафа и парите на Љупчо Пецов Ѓаволот. Полицајците и истражителите не нашле пари во станот, а не бил најден ниту телефонот на судијата за што им било кажано дека паднал, му се скршил и бил оштетен апаратот кој го користел претходно.
По првиот неуспех, истрагата не застанала. Во ново барање до судот за претрес биле наведени сознанија дека има сокриен кеш во куќата на родителите на осомничениот. Во малиот круг на информирани биле истражител на обвинителството, припадници на финансиската полиција и на АНБ кои добиле теренски информации дека во куќата има бункер со пари.
Наредбата е добиена и после тоа, тимот кој веќе бил во Неготино тропнал на адресата на куќата на семејството Ристови. Немало никој, по што биле повикани родителите кои биле на бања во Македонија. Откако стигнале куќата е отворена и претресот почнал.
Во дворот било најдено свежо бетонирано место на почвата и бил користен детектор за метал како дел од опремата употребена во претресот. Детекторот регистрирал кружен облик на метал во почвата што асоцирало дека под бетонот има буре или друг кружен сад. Местото било ископано и имало дупка под бетонот, но освен ровка земја немало друго ништо. Истовремено други тимови работеле и претресувале во внатрешноста на куќата, барале низ дневната соба, спалните, тоалетите и кујните на двата ката. Но, не било најдено ништо.

Според сознанија на КОД, за време на претресот судијата Ѓоко Ристов не бил во куќата туку само неговиот татко и братот. Таткото ги прашувал истражителите за целта на нивниот претрес, но и одговарал на нивните прашања. Им рекол дека последните седум-осум години не вршеле никакви градежни активности или реновирања во куќата. Но, свежиот бетонски поклопец на дупката во дворот и една, речиси, потрошена вреќа за градежен материјал на која стоел датум на производство мај 2025-та ги навеле истражителите на финансиската полиција и припадниците на АНБ на друг заклучок. Ама на терен немало резултат.
Во текот на ноќта до припадниците на службите ангажирани во претресот, преку АНБ стигнала и прецизирање на веќе познатата информација – парите се скриени во кујната, а локацијата е позади електричниот шпорет, во ѕидот.
Претресот во неделата се одвивал на повеќе локации во куќата, а истражителите употребиле и опрема позајмена од македонската армија. Уред за проверка и откривање на пукнатини и дупки во ѕидовите, воен инструмент кој се користи при претрес на ризични локации за да се утврдат места на кои се крие оружје или има подметнати експлозивни направи. Во кујната, истражителите го тргнале шпоретот и во еден дел имало една помала дупка, но и крив неправилен ред на плочки.
Истражителот од финансиска полиција ги искршил многу лесно, бидејќи не биле добро залепени како останатите и најверојатно правени многу скоро. Со уредот на армијата е извршено надворешно и внатрешно снимање на празнината во ѕидот и во вградените блокови се видени завитканите пакети во облик на ролни. МВР во своето соопштение за кривичната пријава против Ристов откри дел од деталите:
„На првиот кат, поточно во кујнската просторија, биле забележани сомнителни околности за изведување на градежни активности (корекција на ѕидните плочки), по што при отстранување на една ѕидна керамичка плочка, забележана е дупка во која се наоѓале алуминиумски ролни во форма на цилиндер, спакувани во поединечни 13 пакувања, во кои пронајдени се вкупно 610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти во апоени од по 200 евра, или вкупно 350.000 евра“, соопшти МВР по акцијата.
Откако биле најдени, истражителите почнале да викаат на присутните колеги и домаќинот: да бегаат и излегуваат, бидејќи има нешто сомнително, може да е и бомба. Но, во таа паника, според сознанија на КОД, домаќинот реагирал дека се пари и спомнал пари и чии се, односно дека не се негови, што е наведено во записниците од претресот и извештаите на учесниците во претресот.
Подоцна во постапката, родителите на Ристов тврдат дека се нивни пари, имаше информации дека лозарството било извор на тој приход, но адвокатот на осомничениот судија наведе дека станува збор за средства добиени од продажба на имот на правно лице за поставување на фотоволтаици и соларни панели.
Но, во случајот не се осомничени родителите, туку синот- судија и му е определен домашен притвор.
Миомир Серафиновиќ
Емисијата со реконструкцијата на претресот во кој беа најдени 350.000 евра за кои е осомничен апелациониот судија Ѓоко Ристов е прикажана на Телма на 25.01.2026.
