Четворица млади луѓе кои биле во дискотеката „Пулс“ за време на страотниот пожар денеска сведочат пред судот.
Прв сведок беше Тоше Трендафилов, кој успеал да ја преживее трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, иако од трагедијата има сериозни повреди.
-Кога стигнав до вратата, веќе беше целосен хаос. Луѓето лежеа едни врз други. Паднав на колена, ме туркаа и ме газеа, почнав да повраќам. Ја ставив маицата на уста и по тоа ништо не паметам. Некој ме извлекол надвор, подоцна другарите ми кажаа дека тие ме спасиле, сведочеше Трендафилов.
Трендафилов вели дека полицијата ја забележал дури кога излегол надвор, но и покрај тоа што побарал помош, не добил никаква реакција.
-Им подадов рака, но не ми пружија никаква помош, рече пред судот.
Кога пожарот почнал, Трендафилов се наоѓал до бината и слушнал како починатиот пејач на ДНК, Панчо повикал сите да излезат надвор затоа што гори пожар.
-Лично јас не го забележав пожарот во прв момент, дискотеката беше преполна. Имаше и малолетници, како и секоја вечер. Беше црн час, не се дишеше, рече преживеаниот Тоше Трендафилов.
Иван Данаилов, кој го преживеал без повреди пожарот во „Пулс“, денеска пред Судот во својство на сведок раскажа што се случувало на 16-ти март кога се случила трагедијата. Данаилов бил чест гостин во кабарето – повеќе пред ковид-пандемијата, а потоа рече дека поретко одел. Првпат во „Пулс“ влегол кога имал 16 години, како малолетник.
-Се сеќавам дека во таа турканица сите се обидуваа да излезат надвор. На скалите некој од толпата падна пред мене и сите се струполивме врз него. Не забележав некој да води ред и да организира евакуација. Следно што паметам е како лежам на дното на скалите, бев на последната, се обидував да станам, но нозете ми беа приклештени од други паднати лица, рече Иван Данаилов, кој го преживеал во пожарот во „Пулс“.
На дополнително прашање рече дали полиција и претходно вршела контроли во Пулс -дали има малолетници, но дека не се сеќава оти некој бил избркан од кабарето поради тоа.
-Дел беа униформирани, а дел во цивил, сведочеше Данаилов кој тврдеше дека за време на претходните контроли не биле прекинувани забавите.
Според него во кабарето и претходно одвреме-навреме се употребувала пиротехника и имало таканаречени огнени шоуа со танчарки.
Со детали од денешното рочиште се вклучи колешката Билјана Николовска Тодорова во вестите во 12:30 часот.
