Вести Македонија Топ вести

Асфалтот под камера, законот под прашалник – „Безбеден град“ ќе фаќа прекршоци, а Уставниот суд дилеми

Брзината под надзор, законот „под лупа“. Од недела, системот „Безбеден град“ официјално стапува во функција, а со него и ценовникот за сообраќајните прекршоци. МВР ја затегнува дисциплината на улиците, а пречекорувањето на брзината станува најскапиот „луксуз“ на патиштата.  Колку посилно се притиска гасот, толку подлабоко се посегнува во џебот – а понекогаш и по возачката дозвола.

Возење до 10 km/h над дозволеното во населено место ќе чини 15 евра. Ако стрелката се помести од 10 до 30 km/h, казната ќе расте на 50 евра. Но, кога брзинометарот ќе избега од контрола и ќе надмине од 30 до 50 km/h, казната е 300 евра плус забрана за управување 3–12 месеци. Надвор од населено место казните се од 20 евра до 300 евра. Непрописно паркирање ќе чини од 25 до 180 евра, а поминување на црвено ќе се казнува со 250 евра и забрана за управување со моторно возило од 3 до 12 месеци.

А, додека системот мери километри на час, политиката мери уставност. Двајцата лидери од Алијансата за Албанците кои ја поделија партијата на две крила раскарани околу партискиот печат, се обединија во ставовите против Законот за прекршоци. Така, додека камерите регистрираат прекршоци, Уставниот суд ќе треба да ја измери рамнотежата помеѓу безбедноста, правото и еднаквоста. Пратениците од крилото на Алијанса на Села го оспорија Законот за прекршоци пред Уставниот суд.

„Зошто за проект кој повеќе месеци се промовира од страна на Владата, иницијативата се прави од пратеници во Собранието?! Што сака да сокрие Владата? Зошто самите не излезат да направат ваква иницијатива? И во Законот треба да стои дека пораките треба да дојдат двојазични. Како прво! А, како второ мислам дека несериозно е за една држава, казни, судски одлуки и така натаму, да доаѓаат преку порака“, изјави Зијадин Села, претседател на Алијансата за Албанците. 

Загрозувањето на рамноправноста на граѓаните и нужноста од почитување на Законот за употреба на јазиците – ова го нотира и Алијансата на Таравари.

„Официјалната комуникација со граѓаните, вклучително и известувањата и санкциите што произлегуваат од проектот, се спроведува без почитување на јазичните права на граѓаните Албанци. Ова претставува директно кршење на законот и уставните принципи на мултиетничка држава“, соопштуваат од Алијансата за Албанците, крилото на лидерот Арбен Таравари. 

Собранието во петокот по скратена постапка ги усвои измените и дополнувањата на Законот за прекршоци, отворајќи го патот за автоматско снимање и санкционирање на прекршоците.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Возеле во спротивен правец на автопатот Гостивар-Тетово – двајца приведени

Дејан Дејан

Приведени четворица заради убиство во скопски Таор – мажот прво ја пријавил за исчезната, а потоа дека ја нашол мртва жената

Дејан Дејан

Василевска: Нема да дозволиме опструкциите на СДС да го забават реформскиот процес

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе