Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, порача дека протестот закажан за в среда е егзистенцијална борба за работниците и дека ќе биде само почеток доколку не дојде до зголемување на платите.
Во отворено писмо тој ги повика работниците масовно да излезат и да ги побараат своите права, нагласувајќи дека никој друг нема да се избори за нив наместо нив самите.
Трендафилов остро ги критикуваше власта и работодавачите, обвинувајќи ги дека со ниски плати ги тераат луѓето да ја напуштаат државата, додека истовремено планираат зголемување на платите на функционерите.
Според него, над 200 илјади работници во Македонија земаат плата под прагот на сиромаштија, додека Владата одбива значително да ги зголеми платите и минималната плата.
Главното барање на протестот е зголемување на платите за најмалку 6.000 денари и покачување на минималната плата на 600 евра.
Протестот ќе започне во 17 часот пред Работничкиот дом, ќе продолжи пред Собранието и Стопанската комора, а ќе заврши пред Владата, при што Трендафилов предупреди дека борбата ќе продолжи доколку барањата не бидат прифатени.
