Миннеаполис се соочи со уште една трагедија која ја зголеми тензијата во заедницата, откако федерален имиграционен службеник го уби Алекс Прети, 37-годишен жител кој учествувал во протести против федералните операции на имиграционата полиција.

Инцидентот се случи на само километар од местото каде што на 7 јануари беше убиена Рени Гуд, што предизвика масовни демонстрации низ градот.
Семејството на Прети го опиша како љубител на природа, посветен на луѓето и активен граѓанин.
– Тој длабоко се грижеше за луѓето и беше многу вознемирен од она што се случуваше во Минеаполис и низ САД со миграционата полиција, како што се вознемирени милиони други луѓе, вели таткото на Алекс, Мајкл Прети.
Според Министерството за внатрешна безбедност, службениците отвориле оган во „самоодбрана“ откако човек со оружје им се приближил, но видеата од случајни минувачи покажуваат дека Алекс држел само телефон во рака.
– Ова лице се појави за да спречи операција на спроведување на законот и ги нападна нашите полицајци. Тие реагираа согласно нивната обука и презедоа мерки за да го одбранат животот на полицаецот и животот на јавноста околу него, а не знам за ниту еден мирен демонстрант што се појавил со пиштол и муниција, реагира Кристи Ноем, секретар на Министерството за внатрешна безбедност.
Полицискиот шеф Брајан О’Хара потврди дека Прети бил „законски сопственик на оружје со дозвола за носење“.
Службеникот кој пукал е осумгодишен ветеран на граничната служба.
Министерството и семејството на Прети засега не даваат дополнителни детали за точните околности на пукањето.
По инцидентот, гувернерот Тим Волц повика Националната гарда да ја поддржи локалната полиција и федералните објекти за да се овозможи мирно изразување на правото на протест.
– Доналд Трамп, уште еднаш ве повикувам, отстранете ја оваа сила од Минесота. Тие сеат хаос и насилство. Сведоци сме на смртоносно насилство од федерални агенти одново и одново, повика Гувернерот на Минесота, Тим Волц.
Сите граѓани треба да можат безбедно да го остварат своето право на протест“, рече шерифката Даванна Вит.
Претседателот Трамп реагираше со критики кон локалната и државната власт, обвинувајќи ги за „поттикнување на бунт“ и прашувајќи зошто полицијата не била задолжена за заштита на офицерите на имиграционата полиција.
Семејството на Алекс Прети останува во неизвесност и со болка бара одговори.
– Не можам да добијам никакви информации од никого. Полицијата, велат, ја повикува граничната патрола, граничната патрола е затворена, болниците не одговараат на никакви прашања, вели таткото Прети.
На местото на трагедијата се собраа стотици луѓе со свеќи, цвеќиња и фотографии, изразувајќи тага, револт и барање правда.
Градот останува под висока тревога, со Националната гарда и локалната полиција на улиците, додека заедницата чека официјални одговори за смртта на нивниот сограѓанин. Градските власти најавија истрага за случајот.
Александар Петрески
