САД ќе понудат „поограничена“ поддршка за своите сојузници, согласно новата Национална одбранбена стратегија на Пентагон, со која приоритет стануваат безбедноста на американското тло и Западната хемисфера.
За разлика од претходните стратегии, Кина повеќе не е наведена како главна закана, а односите со Пекинг ќе се водат преку „сила, а не конфронтација“.
Во документот се нагласува потребата од поголемо „споделување на товарот“, при што сојузниците, особено во Европа, се повикуваат да преземат водечка улога во справување со закани кои за нив се посериозни отколку за САД.
Русија е опишана како „постојана, но управлива закана“ за источните членки на НАТО, додека Јужна Кореја се смета за способна самостојно да ја преземе главната одговорност за одвраќање на Северна Кореја.
Стратегијата нагласува дека САД нема да се повлечат во изолационизам, туку ќе применуваат „реалистичен и фокусиран пристап“ кон своите интереси.
Воедно, Пентагон потврдува дека ќе го гарантира американскиот воен и трговски пристап до стратешки локации како Панамскиот канал, Гренланд и т.н. Залив на Америка, најавувајќи отстапување од, како што се наведува, „утопискиот идеализам“ на претходните администрации.
