Судскиот процес за случајот „Онкологија 2“ продолжи со сведочење на поранешен финансиски раководител од ФЗО, кој откри дека долговите на Клиниката драстично пораснале кон крајот на 2021 година.
Директорите, според сведокот, постојано барале дополнителни средства за терапии надвор од позитивната листа.
Сведокот посочи дека на Клиниката не постоел стручен конзилиум за одлучување кој пациент ќе добие скапа биолошка терапија.
Наместо тоа, одлуките често се носеле лично во кабинетите на директорите.
Тој спомена и случај на пациентка на која Васев ѝ дал лек „под рака“, без внес во регистар, со образложение дека „има само три шишенца“.
Обвинителството истакнува дека штетата од работењето на Клиниката изнесува 36 милиони евра, додека одбраната на Васев тврди дека процесот е политички монтиран, а за сведоците тврди дека имаат конфликт на интереси поврзан со веледрогерии.
