Безбедносниот „мозаик“ на главниот град добива ново парче. Собраниската Комисија за одбрана и безбедност денеска даде зелено светло за измените на законите за внатрешни работи и за полиција, кои беа сменети пред половина година. Со измените, досегашниот Сектор за внатрешни работи – Скопје се „унапредува“ во Оддел за внатрешни работи – Скопје.
Со тоа, главниот град добива повисок организациски статус и посилна позиција во полициската структура. Законските измени, според предлагачите не се козметика, туку алатка за поголема ефикасност на терен. Опозицијата препознава слабости во предложените решенија.
Измените ги предлагаат пратеници од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
„Издвојувањето на единицата за Скопје од секторите и нејзиното издигнување во повисок организациски статус создава концентрација на моќта според мене во една организациска единица надлежна за главниот град и тоа е можност за зголемување на политичкото влијание врз полиција, од политичките центри во државата“, вели Сали Мурати, пратеник од Европскиот фронт.
„Кога се додава нова организациска единица со повисока хиерархија во било кое од министерствата, напротив, се случува обратниот процес – не се врши политизација. Зошто?! Затоа што се создаваат услови за кариерен развој на тие луѓе таму“, одговара Драган Ковачки, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Со измените се воведува и нова раководна позиција – началник на Одделот за внатрешни работи – Скопје.
Инаку, двата закони беа сменети целосно во јули минатата година, но при примената било утврдено дека скопската полиција треба да има повисок статус бидејќи во главниот град се случуваат повеќе од 60 проценти од кривичните дела во Македонија.
Со измените ќе се овозможи и поголема плата за скопските началници и полицајци во однос на полицајците од другите градови.
Петар Догов
